Во Скопје три едукативни тури за ослободувањето на градот

Макфакс

17/11/2019

12:51

886

Големина на фонт

а а а

Во чест на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје се одржаа три едукативни тури во кои учениците од средните училишта во главниот град имаа можност да се запознаат со клучните настани и локации поврзани со ослободувањето од фашизмот пред 75 години.

Збирното место беше пред Музејот на илегалните работилници за оружје, на кејот на реката Вардар, a низ историските настани поврзани со ослободувањето на Скопје учениците ги водеше Бобан Ѓорѓиевски, професор по историја во средното училиште „Кочо Рацин“.

„Присутните имаа можност да го разгледаат музејот сместен во некогашната работилница на електромеханичарот Серафим Видовски каде што е формирана првата илегална работилница за оружје во градот, а која работела од почетокот на август до 4 декември 1941 година и да дискутираат за значењето на овој објект, за изложените експонати и за идејата за слобода“, информираат градските власти.

Како дел од турите, биле вклучени и посети на Споменикот на деветмината стрелани скопјани кај Камениот мост и кон плоштадот „Македонија“ каде што учениците дознале нешто повеќе за улогата на плоштадот на денот 13 Ноември.

Турите завршувале пред Споменикот на ослободителите пред зградата на Владата каде што се говорело за настаните поврзани со заземањето на некогашната Женска гимназија која се наоѓала на оваа локација.




Спонзорирани линкови

Маркетинг