Животот на оскаровецот кој го преживеал Аушвиц: Го раздвоиле од родителите, го спасил југословенски заробеник, добил нервен слом при снимањето на “Шиндлеровата листа”

Супермен

15/11/2019

17:37

5.266

Големина на фонт

а а а

Бранко Лустиг, хрватски филмски продуцент и двоен добитник на Оскар почина во средата во Загреб, на 88-годишна возраст. Познатиот продуцент, поради своето еврејско потекло бил затвореник во злогласните концетрациони логори Аушвиц и Берген-Белсен за време на Втората светска војна.

Хоророт на логорот Аушвиц го овековечил во познатиот филм “Шиндлеровата листа”. 


Неговото мирно детство се променило една ноќ, 1941 година, кога на неговите родители им било јавено дека мора да го напуштат Осијек бидејќи утредента ќе дојдат по сите Евреи.

“Моите родители само ми рекоа дека мора да одиме кај мојата баба во Чаковец, ги собраа сите вредни работи во една кутија, се качивме на брод и цела вечер пловевме до Прелог во Меџимурје, а оттаму со коњи нè префрлија до куќата на мојот чичко во Чаковец. Мојата мајка и мојот татко сметаа дека таму сме безбедни, дека Унгарците нема да ги “допрат” Евреите. Татко ми побегна од Унгарија каде беше однесен како работник, а мене и мојата мајка нè одведоа во логор кон средината на 1943 година. Кога тој го дозна тоа, се врати во Чаковец, но ние останавме во логорот, а него го убиле на 15-ти март 1945 година. Тоа го дознавме дури откако заврши војната”, раскажал Лустиг во една прилика за хрватската “Глорија”.

Бранко заедно со неговата мајка бил одведен во Аушвиц, каде веднаш ги разделиле:

“Кога нè симнаа од вагоните, до мајка ми дотрча еден затвореник и само успеа да ѝ каже да каже дека јас имам 16 години. Таа така и постапи. Да не го кажеше тоа, би завршил како мојата баба, во крематориум, бидејќи се ослободуваа од децата кои не им беа од корист. Мајка ми ја видов уште еднаш, ишишана и гола како трча преку дворот. Потоа ја одведоа да работи во фабрика за оружје во Есен, а мене ме однесоа во рудник за јаглен. Мислев дека ја убиле. Подоцна ме преместија во работниот логор “Мителбау-Дора” во централна Германија, каде правевме ракети во фабрика под едно брдо. Во февруари 1945 година, нè префрлија во логорот Берген-Белсен во кој, на 25 метри од мојата барака, еден месец подоцна почина Ана Франк. Таму дочекав ослободување”, изјавил оскаровецот.


Опишувајќи го тој период, се присетил дека во Берген-Белсен имал тифус и вошки кои станале имуни на сè со што ги прскале, а нозете кои му смрзнале во вагонот по големиот марш на кои биле приморани кога чуле дека доаѓаат Русите, повеќе не можел да ги контролира.

“Ме спаси еден заробеник, војник на југословенската кралска војска кој ме извлече надвор, ме изми и ме затвори во својата барака во која останав неколку дена. Кога се вратив при себе, му ја раскажав мојата приказна. Тој внимателно ме слушаше и во еден момент сфати дека истата приказна неодамна ја чул од некоја жена. Од него сфатив дека мајка ми е жива, бевме оддалечени само 500 метри еден од друг, а не бевме свесни за тоа”, истакнал славниот продуцент.

Логорскиот број засекогаш останал на неговата рака.

“Никогаш не посакав да го отстранам, а во последните 10 години постојано имам ноќни мори. Сопругата ми вели дека плачам и викам во сон, но кога ќе се разбудам, не се сеќавам на тоа. Само понекогаш чувствувам страв”, навел Лустиг во интервјуто.


Работејќи како продуцент на филмот “Шиндлеровата листа” на Стивен Спилберг, му се вратилe сеќавањата од логорот.

“Во сцената кога ги внесуваа децата во камионите. Тогаш добив нервен слом и не можев да се смирам. Спилберг ми пријде, ме прегрна и ме праша дали сакам да одам дома, но продолжив да работам. Јас, потоа го тешев Лиам Нисон во една друга сцена, а снимањето го прекинавме на еден ден поради една израелска актерка која не можеше да се соочи со сцената во која ги одведуваат жените под туш, но не знаат дека од тушот, наместо вода ќе почне да излегува гас”, раскажал оскаровецот.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk