Гала премиера на “Синоними”, македонска премиера на долгометражниот филм “Глас”... – еве што може да погледнете денеска на Синедејс

Точка

14/11/2019

17:34

1.944

Големина на фонт

а а а

На денешната програма на Синедејс, гала премиера ќе има филмот “Синоними” на израелскиот автор Надав Лапид, кој се закити со Златна мечка за најдобар филм на 69-тото издание на Берлинскиот филмски фестивал.

“Синоними” ќе се прикажува во кино Милениум, со почеток од 20 часот, а по него следува премиера на “Последниот Србин во Хрватска” на Предраг Лицина, со почеток од 22:30 часот во рамки на програмата “СинеБалкан”. 

Во кино Фросина ќе биде прикажан македонскиот краткометражен филм “Налепница” на Георги М. Унковски, во кој главната улога ја толкува Сашко Коцев како 37-годишниот Дејан кој “во неуспешен обид да ја обнови својата сообраќајна дозвола и во очаен обид да остане релевантен во животот на својата ќерка, запаѓа во серија бирократски стапици кои му го менуваат животот засекогаш”.


Прикажувањето на филмот е закажано за 19 часот.

По “Налепница”, следува “Студен ноември” на Исмет Сијарина во рамки на “Синебалкан”, “Глас” на Огњен Свиличиќ, “Јас не сум Игор” на Сергеј Георгиев и “Суров рез” на Коста Џорџевиќ.

По светската премиера во Бусан, каде што беше одлично прифатен од публиката, филмот “Глас” имаше европска премиера на интернационалниот филмски фестивал во Варшава по што фестивалскиот живот продолжи на фестивалот во Котбус, Германија, каде што беше дел од натпреварувачката програма.

“Глас” е приказна за младо момче што пристигнува во католички интернат, каде што им дава отпор на верските практики на училиштето. Сепак, учениците и наставниците го сметаат момчето за прилично чудно.

Сценариото за филмот го напишаа Огнен Свиличиќ и Маријана Верхоев, директор на фотографија е Маринко Маринкиќ, сценограф е Ивана Шкрабало, костимографијата е на Емилија Ивановска-Атанасовска, снимател на звук е Игор Поповски, а монтажата на Наташа Пантиќ. Продуцент на филмот е Дамир Терешак, а копродуценти се Томи Салковски и Николина Вучетиќ.

Улогите ги толкуваат: Франко Јаковчевиќ, Белма Салкуниќ, Игор Ковач, Карла Брбиќ, Барбара Вицковиќ. Премиерата ќе се одржи во кино Фросина со почеток од 21 часот.

Линк до целосната програма - тука.



Спонзорирани линкови

Маркетинг