Авто-гигантите го "купија" Трамп: Водечки компании од Европа и Јапонија најавија милионски инвестиции во САД, Америка нема да ги зголеми царините

Точка

13/11/2019

20:56

3.872

Големина на фонт

а а а

Водечките произведувачи на автомобили веруваат дека американскиот претседател Доналд Трамп повторно оваа недела ќе го помести рокот за воведување на 25-процентни тарифи на автомобили и авто-делови од Европската унија и Јапонија, во услови на актуелната трговска војна со Кина, тврдат службеници од автомобилската индустрија.

Очекуваното одложување - кое би требало да биде објавено подоцна оваа недела - доаѓа во момент кога странските автомобилски компании сакаат да ги зголемат инвестициите во САД и да го одвратат Трамп од примена на тарифите, кои, како што нагласуваат, може да ги загрозат работните места во САД, пренесува "Reuters". 

Американскиот министер за трговија Вилбур Рос на почетокот на овој месец рекол дека тарифи можеби нема да бидат потребни, потсеќа британската агенција и додава дека службениците на ЕУ очекуваат дека Трамп ќе најави шестмесечно одложување на рокот.

Трамп во мај оваа година ја одложил одлуката за тарифите за 180 дена, наложувајќи му на трговскиот претставник на САД, Роберт Лајтизер, да се ангажира во преговорите.

Канцеларијата на трговските претставници неодамна побарала од бројни странски автомобилски компании да достават податоци за износот на нивните инвестиции во САД, навеле за Reuters неколку службеници од таа индустрија.

Гувернерот на Тенеси, Бил Ли, републикански сојузник на Трамп, планира денес да присуствува на церемонијата по повод почетокот на проширувањето на погонот на "Volkswagen" во американскиот град Чатануга. Вредноста на тој проект, кој има за цел производство на електрични автомобили, изнесува 800 милиони долари и овозможува отворање на уште 1.000 работни места.

VW во јануари во Тенеси најавил дека до 2022-ра година ќе почне со производство на електрични автомобили.

Исто така, германски "Daimler" кон крајот на 2017-та година соопштил дека ќе вложи милијарда долари во проширување на своето производство во Алабама, со отворање на повеќе од 600 работни места.

Тарифите на автомобилите од Јапонија, според оценките на експертите од авто-индустријата, делуваат уште помалку веројатни отколку на европските возила, бидејќи јапонските произведувачи и добавувачи најавиле инвестиции тешки повеќе од милијарда долари. Најпозната инвестиција меѓу нив е онаа на Toyota и Mazda во Алабама, во вредност од 1,6 милијарди долари.

Трамп и јапонскиот премиер Шинзо Абе во септември потпишале парцијален трговски договор за укинување на тарифите на американската земјоделска роба, јапонските алатни машини и други производи.

Иако договорот не ја покрива трговијата со автомобили, Абе во септември изјавил дека добил уверување од Трамп дека САД нема да воведуваат тарифи на автомобилите.



Спонзорирани линкови

Маркетинг