Македонецот сака 565 евра просечна плата и вработување според знаења и вештини

Макфакс

13/11/2019

14:50

2.896

Големина на фонт

а а а

Порталот Vrabotuvanje.com.mk за време на првиот регионален онлајн-саем за вработување во Македонија (Виртуелни денови за вработување 2019) спроведе истражување со цел да се откријат сличностите и разликите во условите за работа во Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Македонија.

Во истражувањето, во кое учествуваа и водечките портали за вработување во Србија (Poslovi.Infostud), Хрватска (MojPosao) и Босна и Херцеговина (Posao.ba), беа опфатени 4.000 испитаници, од кои речиси 1.000 од Македонија. Од испитаниците во Македонија, 52 отсто се вработени, 41 отсто се невработени и 7 отсто се студенти. 

Висината на платата е сѐ уште најважен фактор при избор на работа 

Речиси две третини од нашите сограѓани (62 отсто) како најважен фактор при избор на работа ја истакнале висината на платата. На второ место се добрите меѓучовечки односи (57 отсто), а на трето можноста за учење и напредување (45 отсто), што укажува на фактот дека работобарателите преферираат компании што инвестираат во својот човечки капитал. 

Во споредба со земјите во регионот, висината на платата е најзначаен фактор и за работобарателите во Босна и Херцеговина (68 отсто), а државјаните на Србија и Хрватска поголем акцент ставаат на добрите меѓучовечки односи (65 отсто од испитаниците во Србија и 69 отсто од испитаниците во Хрватска).

Што е најважно за добивање на работата? 

На прашањето што мислат дека најмногу влијае на нивните шанси да ја добијат работата, мнозинството од македонските испитаници (43 отсто) одговориле дека тоа се знаењата и вештините, а секоја трета личност верува дека тоа е работното искуство. Околу 8 отсто од испитаниците веруваат дека во процесот на барање работа може да пресуди среќата, а само 7 отсто сметаат дека се клучни добрите познанства и контакти. 

Околу 4 отсто од испитаниците веруваат дека партиската припадност е клучна во процесот на вработување, а само 3 отсто важност му придаваат на формалното образование. 

Знаењата и вештините се пресуден фактор за добивање на работата и за испитаниците од Хрватска (54 отсто), Србија (44 отсто) и Босна и Херцеговина (44 отсто).

62 процента од Македонците не се задоволни од својата работа 

Повеќето од македонските испитаници (62 отсто) планираат следната година да ја променат својата работа што ги става на исто рамниште со испитаниците од Босна и Херцеговина, а поотворени од нас во однос на промена на работата се и Србите (67 отсто) и Хрватите (70 отсто). 

Од друга страна, Македонците најмалку стравуваат дека ќе останат без работа (16 отсто). Најголем страв од губење на работата постои во Босна и Херцеговина (26 отсто), а потоа следуваат Србија со 24 отсто и Хрватска со 18 отсто. 

Мнозинството невработени бараат каква било работа 

Над една третина од испитаниците (39 отсто) се невработени помалку од три месеци, а секоја шеста личност (17 отсто) е без работа од 3 до 6 месеци. Како долгорочно невработени (над 5 години) се изјасниле 14 отсто од испитаниците. 

Повеќето од невработените во Македонија (52 отсто) бараат каква било работа, без оглед на тоа дали е по струката или не, а само 32 отсто од невработените испитаници се изјасниле дека бараат работа исклучиво по струката. Попребирливи од нас се само Босанците, каде што работа по струката бараат 38 отсто од невработените.

Младите се оптимистични за времето за пронаоѓање работа 

Добар дел од испитаниците, кој сѐ уште студира (40 отсто), очекува дека ќе најде работа за помалку од три месеци по завршувањето на своето образование, а речиси петтина од нив (17 отсто) сметаат на тоа дека ќе успеат да се вработат за помалку од еден месец. 

Мнозинството студенти (56 отсто) точно знаат со што сакаат да се занимаваат во иднина, а само 3 отсто од испитаниците се изјасниле дека сѐ уште немаат јасна слика за својата професија. Србите (65 отсто) и Хрватите (60 отсто) имаат некои идеи за своето идно занимање, но сѐ уште не се 100 отсто сигурни во тоа, а 57 отсто од испитаниците во Босна и Херцеговина имаат јасна визија за тоа што сакаат да бидат во иднина. 

Највисока плата очекуваат Хрватите, а најниска Македонците 

На прашањето за очекувана висина на платата, нашите сограѓани се изјасниле дека би биле задоволни со просечна плата од 565 евра. Граѓаните на Србија би се задоволиле со просечна плата од 600 евра, а Босанците со 100 евра повеќе (700 евра). Со посакуван износ од 1.300 евра граѓаните на Хрватска предничат во однос на своите очекувања за плата. 

Интересен е фактот што невработените испитаници во просек очекуваат околу 160 евра пониска плата во однос на тие што се веќе во работен однос, а исто така постои разлика од речиси 75 евра во очекувањата на машките наспроти женските испитаници, каде што жените очекуваат пониска просечна плата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг