Шекеринска: Интересот на жените за учество во Армијата се зголемува

Макфакс

12/11/2019

16:28

728

Големина на фонт

а а а

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска се обрати на конференцијата организирана од SEESAC, посветена на родовата еднаквост и родовата перспектива во одбраната, каде што посочи дека зголемувањето на учеството на жени во армиските редови не се прави и не треба да се прави преку ноќ, туку треба силна работа и силна посветеност.

За тоа дека овој проблем не е само на регионот, туку и пошироко, рече дека доказ се многуте невладини организации, многуте резолуции на Обединетите нации, многуте здруженија на граѓани, кои во целиот свет се трудат да ги разбијат стереотипите.

„Од речиси 6.700 припадници на Армијата, 635 се жени, односно околу 10 проценти, а од нив офицерки се 15 проценти, подофицерки 11 проценти, а професионални војнички само пет проценти“, информира министерката и додаде дека фактот оти десет проценти во последната класа граѓани на доброволно служење воен рок се девојки, покажува дека интересот за професијата се зголемува. Она што е најважно, истакна министерката, е не само да ги привлечеме жените да бидат дел од војската, туку и да ги задржиме да ја градат тука својата кариера.

„Навистина правиме сè да ја направиме Армијата пријатна средина, конструктивна, отворена средина за работа на жените и да имаме што повеќе жени на високи позиции. Донесовме упатство за заштита од вознемирување на работно место, целосно во согласност со политиките на НАТО и програмата на ООН за жени, мир и безбедност. Со предложените измени на Законите за одбрана и за служба во Армијата првпат родовата компонента треба да биде интегрирана во сите структури и е дел од политиките на Министерството. Оваа година првпат работиме на родова структура на Министерството и Армијата, со која се воведуваат родов советник на началникот на Генералштабот, родов советник на Министерството и родови претставници на сите пониски нивоа“, истакна Шекеринска.

Министерката посочи дека клучната промена не е во фактот дека се преземаат овие чекори, туку дека оваа политика е реално прифатена и од Генералштабот, што овозможува таа да е одржлива на подолг рок.



Спонзорирани линкови

Маркетинг