За борба против аерозагадувањето предвидени 1,6 милиони евра во буџетот за 2020

Макфакс

12/11/2019

15:46

842

Големина на фонт

а а а

Растот на платите и пензиите, растот на вработеноста, намалувањето на невработеноста и големата социјална заштита на ранливите категории в година треба да придонесат за раст на приватната потрошувача, која е проектирана на 3,3 отсто, рече денес премиерот Зоран Заев образложувајќи го буџетот за в година.

Растот на нето-платата во 2020 година е проектиран на 6,3 отсто.

„Растот ќе биде дополнително предизвикан од покачувањето на минималната плата, која ќе порасне 2.000 денари од декември годинава, но и од поддршката во вид на субвенции што ја обезбедуваме за приватните компании што ќе ја покачат платата на своите вработени од 600 до 6.000 денари“, рече премиерот Заев.

Растот на економијата за 2020 година е проектиран на ниво од 3,8 отсто, а најголемо учество во овој раст е очекуван од домашната потрошувачка.

Во 2020 година премиерот очекува да опаѓа стапката на невработеност и да се симне на нов историски минимум, пониско од 16 отсто – и очекува и процентот на вработеност да се придвижи нагоре до 48,2 отсто.

Бруто-инвестициите во 2020 година е предвидено да се зголемат 8,0 отсто. Позитивен придонес врз растот на инвестициите се очекува да имаат планираните инвестиции на јавниот сектор, како и континуираната поддршка на инвестициската активност на домашните и странските претпријатија.

Стапката на инфлација во 2020 година се очекува да остане ниска во износ од 1,7 отсто.

„Ова значи дека пред нас останува периодот со стабилни цени“, објасни премиерот Заев.

Во здравството предвидено е покачување на платите на целокупниот медицински персонал почнувајќи од февруарската плата: 25 отсто раст кај специјалистите, 15 отсто кај лекарите од општа пракса, а 10 отсто ќе им пораснат платите на медицинските сестри.

„Специјалистите во терцијарното здравство ќе ја достигнат висината на платата од 100.000 денари со февруарската плата во 2020 година. Ова следува по покачувањето на платите од 10 отсто од јануари 2019 година за лекарите и зголемувањето од 5 отсто во септември 2019 за сите кадри во здравството, што е трето зголемување на платите по доаѓањето на власт на оваа Влада по првото зголемување на платите во септември 2018 од 5 отсто“, рече Заев.

Во буџетот за 2020 година се издвоени 1,5 милијарда денари за капитални инвестиции во здравството – за изградба и реконструкција на болници и за нова современа медицинска опрема.

В година се очекува да почне изградбата на новиот клинички центар во Скопје и да продолжи обновувањето на Клиничката болница во Штип и на болницата во Кичево, како и завршните работи во болниците во Струмица и Тетово.

За образованието се обезбедени средства за зголемување на платите на просветните работници од 10 отсто, почнувајќи од 1 јануари 2020 година, и 1,4 милијарда денари за капитални инвестиции за реконструкција и изградба на училишни згради и спортски училишни сали, на студентските домови, како и за опремување и реконструкција на универзитетите.

Буџетот за 2020 предвидува и зголемување на пензиите.

„Пензиите ќе пораснат 700 денари и заедно со веќе постојното усогласување со растот на трошоците за живот ќе пораснат вкупно од 850 до 900 денари“, рече премиерот и најави дека повеќе за покачувањето на пензиите ќе објасни министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на одвоена прес-конференција.

Во буџетот за 2020 се издвоени 7,3 милијарди денари за субвенции во земјоделството и 1,1 милијарда денари за регионален рамномерен развој.

Во 2020 година буџетот на Министерството за одбрана ќе изнесува 10 милијарди денари за реформи во одбранбениот сектор во согласност со НАТО-стандардите, модернизирање и опремување на Армијата, професионална подготовка на припадниците на Армијата и за долгорочен развој на одбрана.

За борба против аерозагадувањето се предвидени 1,6 милион евра.

„Ќе продолжиме со политиките и мерките за борба против аерозагадувањето и за таа намена во буџетот за наредната година се определени 100 милиони денари. Но, тоа се само некои од вкупните средства затоа што еден сериозен дел е вклучен во буџетите на одделни министерства што имаат програми за оваа намена. Дополнително, вложуваме 10 милиони евра од буџетот на ЕСМ, за набавка на еколошки инвертери за 10.000 домаќинства“, рече премиерот Заев.

Капиталните расходи за в година се на ниво од 23 милијарди денари. Инвестициите се наменети за интензивирање на инфраструктурните проекти, односно за вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството. Во оваа сума не е вклучен буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта, кој се формира независно.

5 милијарди денари се планирани за вложување во енергетската и комуналната инфраструктура и управувањето со отпадот. Планирано е да продолжи изградбата на гасоводната инфраструктура, како и изградба на водоводни и канализациски системи.

За инвестиции во приоритетите на локалните самоуправи ќе бидат насочени и оние 35 милиони евра на ТАВ, кои требаше да бидат инвестирани во карго-аеродромот, а преку разни фондови ќе продолжи рехабилитацијата на патната мрежа и на железничката инфраструктура.

Одвоени се и 1,5 милијарда денари за рурален развој, за изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства.

Премиерот Заев објасни дека буџетот се разгледувал на повеќе владини седници оти воделе сметка за секој денар на граѓаните на биде најпродуктивно искористен.

Министерката за финансии Нина Ангеловска објасни дека буџетот од 3,6 милијарди евра е реален и со вложување во човечкиот капитал има цел да ги задржи граѓаните во земјата. Буџетот денес го усвои Владата од каде најавија дека ќе го испратат на усвојување во Собранието.



Спонзорирани линкови

Маркетинг