Англиските медиуми пренесуваат дека Унаи Емери добил ултиматум од управата на Арсенал за да ја зачува својата работа.
Шпанецот ќе има време до крајот на декември да ги поправи работите и да ги сврти во своја полза за да се надева на подолг престој на „Емирејтс“.
Може да се каже дека сега следува полесен распоред во Премиер лигата за „топчиите“ затоа што тие ќе се сретнат со тимови од вториот дел од табелата. Во следниот период Арсенал ќе игра против Саутемптон, Норвич, Брајтон и Вест Хем и на овие натпревари треба да забележи позитивни резултати затоа што месец декември ќе биде пеколен за нив.
Во декември Арсенал ќе има натпревари со Манчестер Сити, Челси и Евертон, а во првиот ден од новата година ќе го пречека и Манчестер Јунајтед.
Емери ќе има пеколно тешка задача да ја зачува својата работа, а како што пишува „Сан“ прв кандидат за негов наследник ќе биде Микел Артета кој во моментов е помошник на Пеп Гвардиола во Манчестер Сити.
Според медиумот, од Манчестер Сити нема да му стојат на патот на Артета доколку тој сака да го преземе водењето на Арсенал сред сезона.