Кинезите ја освојуваат Русија: Регистрирани се над 5 илјади компании, се закупуваат парцели поголеми од Македонија...

Точка

12/11/2019

14:37

3.035

Големина на фонт

а а а

Според активностите на Кина, може да се каже дека оваа земја ги освојува запуштените пространства на Сибир и рускиот Далечен исток.

Имено, за Кинезите во Русија, тамошните медиуми пласираат најразлични информации, а најголемо внимание привлекуваат прогнозите дека до средината на овој век Кина ќе има значајно, милионско малцинство на руска територија.

Бројот на Кинезите во руските погранични региони непрекинато расте, исто како и бројот на кинески туристи кои во тие краишта веќе со години се најбројни. Руските медиуми пренесуваат дека се зголемил и бројот на руско-кинески бракови, иако има и информации дека всушност станува збор за фиктивни бракови за полесно добивање на дозвола за престој и работа

Сепак, факт е дека Русите од тој дел на државата веќе неколку години по ред се иселуваат на европскиот дел од Русија. Според некои проценки, долж самата руско-кинеска граница живеат само два милиони Руси на едната страна, а 300 милиони Кинези на другата страна.


Русите се соочуваат со сериозен проблем

Во европскиот дел на Русија, кој инаку опфаќа само 20% од целата територија на најголемата земја на светот, живее околу 80% од целата популација на земјата, односно повеќе од 113 милиони жители на 20% од територијата. Од друга страна, помалку од 35 милиони луѓе живеат на нешто помалку од 80% од азиската територија на Русија.

Тоа е околу 13,1 милион квадратни километри, што значи дека во азискиот дел на Русија нема ниту два жители на квадратен километар. Станува збор за една од најмалите густини на населеност во светот, иако повеќе од 75% од сите природни богатства на Русија, основниот извор на нивниот просперитет, се наоѓаат на тоа подрачје.

Од друга страна, Кина има дури 1,3 милијарди жители, а точниот број на Кинези во Русија и натаму не е познат. Според официјалните податоци, секој десети странец кој што доаѓа во Русија на работа е Кинез. Исто така, се проценува дека во Русија има од осум до десет милиони гастербајтери кои сочинуваат 13% од работната сила на оваа земја.


Според официјалните податоци најмногу има од Узбекистан (2,5 милиони работници), а Кинези околу 700 илјади. Сепак, реалноста се чини дека е поинаква, затоа што руските медиуми веќе со години тврдат дека на Далечниот исток и Сибир работат милиони илегални кинески работници.

Кинезите се сопственици на површини поголеми од нашата држава

Во Русија во изминативе неколку години биле регистрирани дури 5500 кинески компании. Кинезите најмногу вложувале во земјоделскиот сектор. Така, во Еврејската автономна област на рускиот Далечен исток, Кинезите поседувале 62 илјади хектари обработливо земјиште од 81 илјади колку што ги има во оваа покраина.

Инаку, Еврејската автономна област се протега на површина од 36,271 квадратни километри, односно по територија е поголема од Македонија. Во Амурската област која е поголема од територијата на Финска, Кинезите обработуваат половина од обработливото земјиште, а во Забајкалскиот крај на Сибир, Кинезите закупиле подрачје од 40 илјади квадратни километри (за споредба, површината на Македонија изнесува 25,713 квадратни километри).

Според официјалните податоци, Кинезите во пет погранични подрачја на Сибир и Далечниот исток на Русија поседуваат 16% од обработливите површини, но според руските медиуми тие податоци не се точни затоа што Русите најчесто се водат формално како сопственици, а зад сето тоа се крие кинески капитал.



Русите се незадоволни поради тоа што Кинезите не сакаат да ги вработуваат нив, туку користат илегални работници кои по потреба ги пренесуваат од Кина.

Иако многумина во Русија се задоволни затоа што Кинезите сепак ги обработуваат плодните подрачја кои инаку би останале пусти, сепак 40% од Русите сметаат дека Кина кон Русија има „експанзионистички намери“, а околу половина од Русите мислат дека Кина го загрозува територијалниот интегритет на Русија. Една третина од Русите се уверени дека Кина ја поткопува и економската моќ на земјата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг