Неколку дена откако Данска ја дозволила изградбата на Северен тек 2 низ својот дел во балтичкото подморје, овој гасовод се соочил со нова препрека.
Германскиот парламент не донел закон со кој се ограничува гасната директива во Европската унија, пишува RIA.
Третиот енергетски пакет на ЕУ и гасната директива наведена во него, велат дека операторот на било кој меѓународен гасовод во Европа треба, освен за главниот добавувач, да резервира половина од капацитетите и за други добавувачи.
Изворно, таа директива се однесува само на копнените текови, но во мај оваа година била проширена и на подморските, па се однесува и на Северен тек 2. Во овој случај тоа значи дека половина од гасните капацитите на Северен Тек 2 треба да бидат отворени и за други добавувачи, а не само за руски Gazprom.
"Службениците на ЕУ заговараат диверзификација и енергетска сигурност. Тоа е разбирливо, но факт е дека Северен Тек 2 директно го поврзува Ленињградскиот регион во Русија со германски Грајфсалд и никакви дополнителни приклучоци не се во план, а воедно и ниедна балтичка земја не може да произведе доволно гас за сериозен извоз во Западна Европа", наведуваат коментаторите за агенцијата RIA.
Тие предупредуваат дека резервација на половина од капацитетите на алтернативни добавувачи за инвеститорите во Северен тек 2 би значеле залудно потрошени пет милијарди евра, а за европските потрошувачи недостиг на гас.
Германците се и тоа како свесни за тоа, пишува во статијата, па пратениците во Бундестагот предложиле закон за изземање на странските гасоводи од барањето на Третиот енергетски пакет ако се финансирани пред 23-ти мај 2019-та година, а нивната прва точка на поврзување со заедничката европска мрежа е во Германија, па нема закана од конкуренција и по безбедноста на ЕУ.
""Северен тек 2" целосно ги исполнува тие услови: европските инвеститори - OMV, Wintershell, Shell, Uniper и Anzhi- издвоиле пари за проектот многу пред мај оваа година", пишува RIA, но додава дека немало доволно гласови во Бундестагот, а следната расправа е одложена за неодредено време.
Руската агенција тврди дека Берлин го одложил законскиот проект сакајќи да избегне судир со Европската комисија, која, како што се наведува, се држи на страната на Украина и Полска. Имено, пред гласањето во германскиот парламент, Киев предупредил дека за случајот за прифаќање на исклучок од Третиот енергетски пакет ќе се жали пред судот на ЕУ.
Русите таа украинска закана ја објаснуваат како страв од загуба на транзитните приходи, бидејќи наскоро Русија ќе извезува гас во Европа без употреба на украинскиот гасно-транспортен систем.
Но, најголемиот проблем на Берлин никако не е Киев, туку Полска, која во случај на реализација на Северен тек 2 исто така губи дел од транзитот, но за разлика од Украина, е полноправна членка на ЕУ и има големо влијание во Брисел, се додава во текстот.
Москва сфаќа дека Берлин не сака директна конфронтација со Брисел, па во Gazprom, како што се наведува, подготвиле резервна варијанта која на сите ќе им го зачува образот, а ги остварува целите.
Повикувајќи се на германскиот весник "Handelsblat", "RIA" пренесува дека Gazprom основал компанија која ќе стане оператор на дел од Северен Тек 2, со должина од 12 наутички милји кои минуваат низ територијалните води, односно влегува под директивата на ЕУ за гас, а остатокот од рутата минува низ меѓународните води за кои не важат барањата на Брисел.
Како резултат на тоа, би се испочитувала директивата за задолжително раздвојување на функцијата меѓу снабдувачите и транспортниот систем, па Северен тек би работел со полн капацитет.