Меркел против Макрон: НАТО е столбот на нашата одбрана!

Точка

10/11/2019

13:49

2.416

Големина на фонт

а а а

Германската канцеларка Ангела Меркел и шефот на германската дипломатија Хајко Мас денес повторно се дистанцираа од францускиот претседател Емануел Макрон кој оцени дека НАТО Алијансата минува низ фаза на „мозочна смрт“.

„НАТО, Северноатлантскиот сојуз, претставува носечки столб на нашата одбрана. Сепак, јасно е дека ние Европејците, членките на Европската унија кои се дел од НАТО, во иднина треба да преземеме поголема одговорност“, порача Ангела Меркел во емисија посветена на 64-тиот роденден на германската армија.

Меркел вечерва ќе се сретне со Макрон во Берлин, а на вечерата ќе присуствува и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер.

Германската канцеларка меѓу другото нагласи дека треба да се зајакне улогата на Европа во НАТО: „Поради тоа во Европската унија постои соработка во доменот на одбраната“.


Хајко Мас од друга страна во колумна за весникот „Шпигл“ порача дека Германија „го сака и на Германија ѝ е потребна НАТО Алијансата“.

„Би била грешка да се дозволи рушење на НАТО Алијансата. Без Соединетите Американски Држави, ниту Германија, ниту Европа не се во состојба ефикасно да се бранат“, оцени шефот на германската дипломатија.

Емануел Макрон неодамна ги шокираше запаадноевропските земји со неговото тврдење дека НАТО Алијансата моментално е во фаза на „мозочна смрт“. Во прилог на тоа францускиот претседател го изнесе отсуството на координација помеѓу САД и Турција, која иако е членка на НАТО, неодамна самостојно интервенираше на северот на Сирија.

„Мораме да разјасниме кои се стратешките цели на НАТО Алијансата“, порача Емануел Макрон.



Спонзорирани линкови

Маркетинг