Еден фраер се сликаше како вози 250 на еден наш автопат, имаме бројачи кои ја мерат и брзината

Макфакс

08/11/2019

19:13

6.416

Големина на фонт

а а а

Најголемиот виновник за сите почнати патишта последниве 10-15 години се лошите проекти затоа што се избрзани, вели Зоран Китанов, директор на Јавното претпријатие за државни патишта, во интервју за „Макфакс“. Китанов за проектот за патот Кичево – Охрид смета дека е дилетантски и им создал големи проблеми. Најавува дека в година ќе може да бидат пуштени 7-15 километри од овој автопат, а ќе се трудат и да го почитуваат рокот до 2021 година за целосно завршување на патот Кичево – Охрид.

Китанов вели дека претходната власт за 11 години изградила 650 километри патишта, а сегашната, пак, за две години има изградено 516 километри патишта. На прашањето колку од овие 516 километри што ги изградиле се наследени проекти од минатата власт, Китанов не даде конкретен одговор.

„Проектите се градат, се прават и се сопственост на граѓаните на оваа држава. Никој од џебот не донел пари, ни ВМРО-ДПМНЕ, ни СДСМ, ни не знам кој за да ги гради патиштата, па, да, вели ова се мои патишта, ова се мои проекти“, вели директорот Китанов.

Тој најави дека се подготвуваат пет нови патарини, се работи на поставување камери по целата должина на патиштата, а во подготовка е и системот со кој во соработка со МВР на домашна адреса ќе им стигнуваат казни на граѓаните што ќе бидат регистрирани дека прават прекршок.

Прекумерната брзина Китанов вели дека веќе ја регистрираат со бројачите поставени на патиштата.

„Дегутантно беше кога еден фраер објави дека се сликал како вози 250 на еден наш автопат, па го исмејуваа сообраќаецот што се обидел да го сопре, но тој не застанал“, вели Китанов.

Тој апелира возачите да внимаваат на брзината и да ги почитуваат сообраќајните знаци, а апелира и да не фрлаат ѓубре на патиштата оти само од еден километар од скопската обиколница биле собрани 50 вреќи ѓубре.

Во интервјуто директорот најави и нов начин за расчистување на патиштата од снег, што ќе се обидат да го воведат, зборува за нови патишта со должина од 334 километри, што ќе се градат в година, и за тоа дали да очекуваме уште прослави со ора и чочеци како онаа за патот Демир Капија – Смоквица.



Спонзорирани линкови

Маркетинг