Првиот паметен часовник на Xiaomi: Запознајте го Mi Watch

Точка

07/11/2019

20:45

4.348

Големина на фонт

а а а

Кинеската компанија Xiaomi и официјално го претстави својот прв паметен часовник - Mi Watch.

На прв поглед Mi Watch веројатно веднаш ќе ве потсети на Apple Watch затоа што практично го има истиот дизајн, но разликата е во тоа што паметниот часовник на Xiaomi го користи оперативниот систем Wear OS и чини 185 долари.

Сличен е заоблениот правоаголен екран чувствителен на допир, ротирачкото копче за управување со менито и копчето во облик на пилула кое што е сместено баш како што е случај кај Apple Watch.


Од Xiaomi соопштија дека нивниот паметен часовник има 1,78-инчен AMOLED екран со густина на пиксел од 326ppi, а го напојува батерија со капацитет од 570 mAh која овозможува работа од 36 часа.

Mi Watch е опремен со Qualcomm Snapdragon Wear 3100 процесор, 1 GB RAM и и 8 GB интерна меморија, а поддржува и Wi-Fi, Bluetooth, NFC. Исто така, опремен е и со сензор за следење на работата на срцето, потоа eSIM и 4G поддршка.


Xiaomi има посебен MIUI скин за Wear OS на Google, а кинеската компанија исто така има развиено и посебни апликации за својот паметен часовник, вклучувајќи и редизајнирана верзија на апликациите Tasks, Recorder и Notes.

Треба да се истакне дека Mi Watch содржи и бројни функции за следење на здравствената состојба, од сензор за следење на сонот и вежбањето, па се до функција која од Xiaomi велат дека ја следи енергијата на телото. Паметниот часовник исто така е отпорен на вода.


Засега Mi Watch ќе се продава само во Кина по цена од 185 долари, додека пак поскапата верзија изработена од нерѓосувачки челик ќе чини 290 долари. Не е исклучена можноста овој паметен часовник да биде пласиран и на останатите пазари ширум светот.




Спонзорирани линкови

Маркетинг