"Ова го менува нашето гледање за раната еволуција": Пронајден најстариот примерок од исправениот мајмун

Точка

07/11/2019

14:54

2.166

Големина на фонт

а а а

Остатоците на костур од древен мајмун, најдени во баварска глинена јама, наведуваат на заклучок дека претците на денешните луѓе почнале да стојат исправени милиони години порано од тоа што се мислело, навеле научниците.

Меѓународен тим од научници навел дека дел од фосилизираниот костур од машкиот примат, кој пред речиси 12 милиони години живее во влажните шуми на југот на Германија, е многу сличен со коските на денешните луѓе. Во трудот објавен во списанието "Nature", тие изнеле заклучок дека досега непознат вид, наречен Данувиус гугенмози, можела да оди на две нозе, но и да се качува како мајмун. 

Тоа откритие "поставува фундаментални прашања за нашето досегашно разбирање на еволуцијата на големите мајмуни и луѓето", рекла Мадлен Беме, раководител на проектот.

Прашањето кога мајмуните го развиле одот на две нозе ги окупира научниците уште откако Чарлс Дарвин прв утврдил дека тие се претци на луѓето. Претходните фосилни наоди од мајмуни кои оделе исправено, биле пронајдени на Крит и во Кенија, а биле стари до шест милиони години.

Беме, заедно со научници од Германија, САД, Канада и Бугарија, истражила повеќе од 15.000 коски пронајдени на археолошкото наоѓалиште Хамершмиде, на околу 70 километри западно од Минхен.

Од најдените остатоци успеале да направат цели костури од четири примати кои живееле пред 11,62 милиони години. Најцелосниот костур, од возрасен маж, покажува дека животното било високо околу еден метар, тешко 31 килограм и дека изгледало слично на денешните шимпанза.

"Беше неверојатно кога сфативме колку некои коски се слични на човечките, за разлика од коските на големите мајмуни", рекла Беме.

Научниците, благодарение на состојбата на неколку добро сочувани коски, успеале да го реконструираат движењето на "Данувиус" и да заклучат дека тој примат, иако може со рацете да се држи за гранки и да виси на нив, можел и да се исправи на нозе и да оди исправено.

"Ова го менува нашето гледање за раната човечка еволуција, дека се се случувало во Африка", навела Беме.

Сепак, за разлика од луѓето, Данувиус имал силен ножен палец со кој може со стапалата да се фати за гранка и безбедно да оди по дрвјата.

Фред Спур, палеонтолог од лондонскиот музеј за природна историја, вели дека наодите се возбудливи, но дека веројатно ќе бидат тема на многу дебати, бидејќи ја доведуваат во прашање постоечката идеја за еволуцијата.

"Ова е фантастичен материјал. Несомнено ќе има многу работи за анализирање", рекол Спур, кој не учествувал во истражувањето.



Спонзорирани линкови

Маркетинг