Заев за „Данас“: Од проширувањето на ЕУ сите имаат корист, а од затворањето на вратата сите губат

Макфакс

26/10/2019

13:23

952

Големина на фонт

а а а

„Од политиката за проширување на ЕУ сите имаат корист, а со евентуалното „затворање на вратата сите губат“, порача премиерот Зоран Заев во интервју за белградскиот весник „Данас“. Тој вели дека иако лично е засегнат од одлагањето на ЕУ да објави датум за почеток на преговори со Северна Македонија и со Албанија, тој не ја изгубил надежта во ЕУ.

Заев во интервјуто со наслов „Макрон знае дека ЕУ нема алтернатива за Балканот“. вели дека Северна Македонија има многу постигнато и дека нема да дозволи да се вратиме на старо.

„Дел од највисокото раководство на нашите политички противници, за жал, до денес се нема оградено од стариот режим. Напротив, го бранат тој режим, криминалот и корупцијата кои државата ја доведоа до дно, додека животот постоеше само за една фамилија“, вели Заев.

Тој се надева дека ќе има шанса лично да разговара со францускиот претседател Емануел Макрон и верува оти Макрон знае дека за земјите од Западен Балкан ЕУ нема алтернатива.

„Ниту едно партнерство не може да биде замена за европските интеграции. Мислам дека тоа не е одржлив однос и не би ги донел посакуваните резултати за никого, вклучително и на Европа“, додава Заев.

Тој не очекува застој на патот кон членството на Северна Македонија во НАТО. „Остануваат уште три држави да го ратификуваат Протоколот. Се работи за одлуки на државните парламенти и технички процедури“, посочува Заев, кој очекува опцијата што тој ја предводи да победи на предвремените парламентарни избори во Северна Македонија во април наредната година.



Спонзорирани линкови

Маркетинг