Шекеринска ги посети новите простории наменети за Северна Македонија во седиштето на НАТО

Макфакс

25/10/2019

16:49

1.476

Големина на фонт

а а а

На министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска во седиштето на алијансата ѝ беа презентирани просториите каде што ќе биде сместена мисијата на нашата држава, како полноправна членка.

„Денеска имав можност да бидам првиот претставник на нашата Влада којшто влезе во просториите кои НАТО- алијансата ги подготви за својата 30. членка. Тоа покажува дека сите наши подготовки течат според планот и тоа покажува дека сме добредојдени во најмоќниот воено-политички сојуз“, рече министерката во изјава по посетата.

Шекеринска додаде дека на средбите со министрите за одбрана на сите земји членки на алијансата во текот на дводневните состаноци можела да се слушне истата порака – очекувањето Северна Македонија што поскоро да стане полноправен член на НАТО, што е вистинскиот чекор во вистинско време.

На сесијата на Северноатлантскиот совет министерката порача дека планот за одвојување на 2 проценти од бруто-домашниот производ за одбраната до 2024 година се реализира и дека во 2020 година следува уште едно зголемување на одбранбениот буџет.

„Република Северна Македонија е сериозен партнер којшто го испорачува тоа што ќе го најави и тоа што ќе го вети. Две години по ред го зголемувавме издвојувањето за одбраната и следната година, исто така, обезбедивме повисок буџет за нашата одбрана и за нашата армија. На тој начин ќе имаме поголема безбедност, на тој начин ќе бидеме прифатени како земја чијшто збор навистина важи. Ние сме НАТО и навистина во следните месеци очекуваме остварување на овој стратешки сон и цел на неколку генерации“, посочи Шекеринска.



Спонзорирани линкови

Маркетинг