Мицкоски: Имаме дојави дека Завод за статистика дава неточни податоци, тоа е срам за државата

Макфакс

25/10/2019

14:53

923

Големина на фонт

а а а

Не гледам пречка за потпишување договор за предизборна коалиција со некоја од партиите од албанскиот блок доколку најдеме заедничко разбирање, за заеднички настап на изборите, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на деншната прес-конфернција, како одговор на прашањето дали би влегол во коалиција со опозициските албански партии.

„Сите опции се отворени, постојано сме во контакт и разговори со партиите од опозицискиот албански блок и не гледам пречка за предизборно коалицирање, но и за можност самостојно на изборите, па потоа да се прават преговори за коалицирање. Ние сме отворени за соработка со сите партии“, рече Мицкоски.

Во однос на прашањето дали би коалицирале со ДУИ доколку ја добијат власта на изборите со оглед на фактот што од таму имаат одредени предуслови кои треба да ги исполни неговата партија, Мицкоски рече:

„Kомуникацијата со ДУИ не се одвива на тој начин, нема поставено никакви услови и предуслови и не треба да се гледа парцијално на изјавата на министерот за економија, Бектеши, засега такви условувања во разговорите нема“.

Мицкоски не беше дециден дали би коалицирал со ДУИ, но потврди дека има комуникација со оваа партија, која во моментов е дел од владината коалиција.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече и дека има индиции оти Заводот за статистика фабрикува, пушта во јавност нерелевантни податоци и најави дека овој случај кога ќе дојдат на власт ќе го истражат до крај.

„Имаме дојави од поранешни вработени во Заводот дека оваа институција дава неточни информации и ова е сериозен срам за државата. Се работи за класична измама која детално ќе ја истражиме. Ги предупредуваме и вработените во заводот да не наседнуваат на притисоците што им се вршат за да не бидат учесници во кривично дело“, кажа Мицкоски.

За него не е спорно до одржувањето на изборите да се донесат измените на законот за Јавно обвинителство, да се избере нов државен ревизор, како и измените на изборниот законик за финансирање на партиите доколку се најде прифатливо решение за сите партии.



Спонзорирани линкови

Маркетинг