Британските власти го идентификуваа 25-годишниот возач на „камионот на смртта“ во кој беа пронајдени дури 39 мртви лица.
Мо Робинсон од Северна Ирска е уапсен и обвинет за убиство во случајот поради кој е отворена една од најголемите истраги во историјата на Обединетото Кралство.
Како што пренесуваат британските медиуми, Робинсон наскоро ќе стане татко, а неговото семејство е шокирано од вестите кои што пристигнаа од Англија и го обиколија светот.
„Не сме се слушнале долго време и не знаеме што се случувало во неговиот живот“, изјави братот на Робинсон.
Да потсетиме, 39-те безживотни тела беа пронајдени во приколка од камион во индустриската зона Турок во Есекс, на 30-тина километри од британската престолнина Лондон.
Се уште не е познато која е националноста на 39-те жртви, но јасно е дека тие биле превезувани во мал и затворен простор, без доволен проток на кислород и светлина. Се претпоставува дека температурата во приколката - ладилник би можела да се движи и до 25 степени Целзиусови под нулата.
Ирската национална полиција се уште работи на утврдувањето на точната рута на „камионот на смртта“ и се уште од таму нема официјално соопштение.
На фотографиите може да се види дека приколката на камионот, кој инаку е регистриран во соседна Бугарија, е во сопственост на ирската компанија "GTR Europe" која се занимава со изнајмување на камионски приколки и ладилници.