Вајгл: ЕУ ја измами Северна Македонија, ова е неприфатливо за која било земја, ниту за Франција

Макфакс

21/10/2019

18:53

2.403

Големина на фонт

а а а

Поранешниот словенечки пратеник во Европскиот парламент и известувач за земјава во периодот од 2014 до 2019 година, Иво Вајгл, во интервју за „Европијан вестерн Балканс“, го критикува неотворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и неуспехот на Европскиот совет да даде датум за нашата земја да ги почне преговорите.

Според него, катастрофалната одлука на Унијата ги поткопува нејзиниот кредибилитет и нејзините институции кај сите земји со кандидатски статус.

„Би рекол дека ова, едноставно, е измама. Ова не е прифатливо за која било земја, дури и за Франција, да блокира ваква работа против желбите на сите, дури и ја засрамува Европската Унија“, рече Вајгл. 

Тој потсетува дека беше еден од потписниците на предлогот за доделување на Нобеловата награда за мир на Алексис Ципрас и Зоран Заев посочувајќи дека договорот од Преспа е еден од ретките позитивни случаи во овој дел од светот со кој еден сложен политички проблем беше решен на демократски начин. 

„И некој сега тоа го фрли во корпа за отпадоци и ги обезвредни напорите на овие државници, со што потврди дека оние што беа против овие договори се во право“, вели Вајгл. 

Според него, ова испраќа лоша порака до оние што работат на слични договори во регионот. 

„Тие ќе се запрашаат себеси – ако ЕУ може, зошто не и ние? На овој начин кредибилитетот на европската политика, воопшто, е поткопан“, нагласува поранешниот европратеник, Иво Вајгл.



Спонзорирани линкови

Маркетинг