Шпанскиот тенисер Рафаел Надал и неговата долгогодишна девојка Марија Франциска Перељо – Чиска, се венчаа денеска на северот на Мајорка, во кругот на семејството и пријателите.
Судбоносното “да”, парот го изговорил во замокот “Ла Форталеза” кој датира од 17-ти век и кој се смета за најскапо приватно сопствеништво во Европа.
На венчавката присуствувале и поранешниот крал на Шпанија, Хуан Карлос и неговата сопруга Софија. Шпанските медиуми пренесуваат дека Надал и Перељо, кои се во врска веќе 14 години, сакале едноставна и интимна венчавка.
Во текот на церемонијата била забранета употреба на мобилни телефони и други уреди со цел да се спречи фотографирање и снимање на истата.
Чиска е позната по тоа што не сака јавно да се експонира и го чува својот приватен живот со тенисерот далеку од очите на јавноста. Таа дала отказ на старото работно место за да стане проект директор во фондацијата Рафаел Надал, пишува “Fox Sports”.
Медиумите претходно пренесоа дека на венчавката нема да присуствуваат Шакира и Пике, што изненади многумина, но дека се очекува присуство на пејачот Енрике Иглесијас, НБА кошаркарот Пау Гасол како и на фудбалерот Икер Касиљас.
За припрема на храната бил задолжен еден од најдобрите готвачи кој поседува и Мишелин ѕвезда, Макарена де Кастро.