Режисерот кој неодамна ја разлути јавноста со изјавата дека “не може да се натера да гледа актери во луна парк”, алудирајќи на “Avengers” и сличните филмови со суперхерои, го снимил најдобриот филм во последните 30 години.
Доколку може да им се верува на светските филмски критичари, легендарниот Мартин Скорсезе го снимил својот најдобар филм – “The Irishman”.
Критичарите велат дека филмот е прекрасно снимен, дека Скорсезе му се вратил на жанрот кој го прославил и тоа во друштво на најголемите “фаци” на Холивуд – Роберт Де Ниро, Харви Кајтел, Ал Пачино и Џо Пеши.
Во светло на изјавата на Скорсезе дека “треба да ги баталиме суперхеројските филмови и да погледнеме приказна”, во овој филм го добивате токму тоа – класичен гангстерски филм, но без возвишување на мафијаши.
Приказната на “The Irishman” го следи животот на платениот убиец Френк “Ирецот” Ширан, вработен во семејството на Буфалино, кој во старечкиот дом се присетува на своите почетоци на овој свет. Една од неговите задачи била да го чува Џими Хофа, кој го толкува Пачино и кој имал големо влијание и поврзаност со луѓето од криминалното милје. Хофа исчезна во 1975 година и неговиот случај до ден-денес останува нерешен.
Ширан ја раскажува својата верзија од приказната, а критичарот на “The Guardian” – Питер Бредшо напишал дека “имавме прилика да се заситиме од мафијашките филмови, но Скорсезе ги враќа таквите приказни во фокусот, со нагласок на вината на Френк. Човекот кој одамна ја ампутираше можноста да чувствува жалење, повеќе не е во состојба да се помири со сопствените чувства. Ова е едно огромно достигнување на Скорсезе”.