Дојче Веле: Денешниот самит на ЕУ носи многу неволји за европските лидери

Макфакс

17/10/2019

12:51

1.053

Големина на фонт

а а а

Дури и без драмата околу брегзит, која ќе биде централна тема за лидерите на земјите од ЕУ, на самитот кој се одржува денеска и утре во Брисел, ова ќе биде многу необичен состанок, оценува „Дојче веле“.

Германската медиумска куќа како една од најважните споредни работи на самиотот ги истакнува проблемите во кои може да западне францускиот претседател, Емануел Макрон во врска со проширувањето на ЕУ на Западен Балкан.

Според најавите, канцеларката Ангела Меркел силно ќе се заложи да се одобри почеток на пристапни преговори со Скопје и Тирана.

Макрон одбива да го стори тоа, придржувајќи се кон формулата која ја повторуваше и во минатото – прво ЕУ да ги реши своите проблеми, а потоа можеби и проширување.

Официјален Париз беше непоколеблив за време на подготвителниот министерски состанок пред овој самит, иако скоро сите други членки на ЕУ, како и Европската комисија и парламентот, веруваат дека се исполнети условите Албанија и Северна Македонија да ги започнт преговорите.

Покрај овие сериозни проблеми, на самитот би можело да настанат жестоки полемики и во врска со парите на Унијата. ЕУ треба да донесе нов седумгодишен буџет (2021-2027). Германија, која е една од најголемите нето придонесувачи во буџетот на ЕУ, бара буџетот да не надминува еден процент од БДП на Унијата. Франција сака ваквиот индекс да оди до 1,03 проценти, а ЕК до 1,13 проценти.

Зад овие децимали стојат милијарди евра кои Германците би сакале да ги насочат кон штедење. Во однос на празнината во буџетот што ќе настане кога Велика Британија ќе ја напушти ЕУ – Берлин предлага да се затегне ременот.

Нема ни согласнот за тоа за што да би се трошеле парите. Франција не сака да ги намали субвенциите за земјоделците, што традиционално е најголем трошок од буџетот на ЕУ.

Германија, од друга страна, зборува за иновации, трошоци за миграција и инвестиции за иднината.

Европските лидери како и обично, работата треба да ја завршат до петок попладне. Но, постои можност наското повторно да се сретнат. Доколку нешто се придвижи во врска со брегзит, можен е посебен самит на ЕУ до крајот на месецот со цел да се склучи нов договор, констатира „Дојче веле“ во својата анализа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг