Папата Франциско денеска ги критикуваше лошите и погубни навики за јадење на околу 700 милиони луѓе на планетата кои имаат прекумерна тежина, во порака испратена до Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО), а по повод Светскиот ден на храната.
„Гледаме дека храната престанува да биде средство за преживување и станува средство за лично уништување“, коментира папата во пораката до ФАО.
„Така, покрај 820 милиони гладни луѓе од едната страна на вагата, имаме 700 милиони лица со прекумерна тежина на другата“, нагласи тој.
Прекумерната тежина не само што е симбол на богатите нации, туку е и пораз за сиромашните земји, каде се јаде малку и слабо, предупреди папата.
„Патологијата поврзана со богатството доведува до дијабетес и кардиоваскуларни заболувања, но исто така и анорексија и булимија. Мора да се бориме против нарушувањата на исхраната во контекст на животниот стил негувајќи скромност, умереност, воздржаност, самоконтрола и солидарност“, препорача папата.
Тој го опиша како суров, неправеден и парадоксален фактот дека денес има храна за сите, но истата не е подеднакво достапна за сите нас.