Фрајле за финалето на Макфест: „За нас е награда тоа што публиката ја прими пораката. Оваа песна влегува во нашиот репертоар“

Точка

14/10/2019

23:44

6.375

Големина на фонт

а а а

Оваа недела во “светот на музиката“ главна тема е фестивалот „Макфест“. А, ние како медиум кој присуствуваше на овој настан, сакаме да споделиме со вас што е можно повеќе детали, случки, разговори, непријатности и целата еуфорија која се случуваше таму.

Веднаш по завршувањето на финалето во фоајето, каде што беа сите изведувачи, продуценти, композитори, танчери... бевме и ние, па за вас имаме три ексклузивни интервјуа кои ги направивме по самото завршување на фестивалот.

Првото ексклузивно интервју по финалето го направивме со Мартинијан Кириловски и композиторот на неговата песна, Ристо Самарџиев, како победник на овој фестивал.


Потоа, следеше интервју со Драган Спасов Дац и Александар Митевски, како второ пласирани на Макфест.

И, како што е редот, следува интервју и со трето пласираните, односно со гостите од Србија „Фрајле“.

По нивниот настап на полуфиналето, каде се претставија со „Не ѝ признавај“, композиција на Тоше Поп-Симонов, како единствени учесници кои не се од Македонија, ние за вас направивме „увертира интервју“, а сега во продолжение ви ги носиме нивните впечатоци кои ги имаа веднаш по завршувањето на самиот фестивал.

„Многу сме задоволни од вечерашниов настап. Не може да издвоиме кој беше подобар – оној на полуфиналето или вечерашниов, бидејќи секој со себе носеше некоја возбуда. На полуфиналето за првпат застанавме на сцената на Макфест, а вечерва имаше гласање и сосема друг вид на возбуда“, велат девојките.

„Само едвај чекаме композиторот да нѝ каже дали згрешивме во текстот, бидејќи македонскиот не нѝ е мајчин јазик, но целокупниот впечаток нѝ е позитивен“, низ смеа откриваат „Фрајле“.


Една група, еден настап, но повеќе видувања за финалниот исход. Додека една вели дека очекувала победа, друга се надоврзува дека не размислувала во тој правец, но во едно се согласија.

„Очекувавме публиката добро да реагира. Објективно, песната е навистина добра. Може да кажеме дека очекувавме некое повисоко место. Но, со оглед на тоа дека ова нѝ е првпат на овој фестивал, многу сме задоволни и со третото место.“

Воопшто не делуваа разочарани од тоа што не освоиле повисоко место, а во прилог на тоа оди и нивната изјава.

„Сведоци сме на многу фестивали каде што некои добри песни не освоиле прво или второ место, но потоа станале големи хитови. Е тоа е некоја награда. И ние тоа длабоко го посакуваме. Потребни се некои шест месеци за песната да заживее. Можеби оваа песна треба да ја преведеме и на српски, за да биде уште поголем хит“, велат девојките.

Тие не го познаваат доволно Мартинијан, овогодишниот победник, но велат дека слушнале многу убави зборови за него и му честитаат за победата.


„За жал песната на победникот немавме прилика добро да ја слушнеме, бидејќи додека тој пееше ние се подготвувавме за нашиот настап. Но, барем слушнавме дека момчето одлично пее и многу е музикално. Слушнавме позитивни критики за него, па веруваме дека и неговата песна ќе остане хит кој низ годините ќе се слуша. Утре, кога ќе помине целата оваа еуфорија, со првото кафе со задоволство ќе ја пуштиме и ќе ја слушаме. Во секој случај, му испраќаме искрени честитки, треба само да продолжи напред.“ 

„Нам изведувачите најважно нѝ е песната да нѝ влезе во репертоар и публиката да ја сака и да ја бара. На крајот од денот тоа е навистина најважно.“

„Не знаеме како било претходните години, но оваа година имаше навистина одлични композиции од оние кои ги слушнавме и сигурни сме дека ќе бидат хитови. И многу нѝ е драго што имаше многу млади изведувачи. Некако нè навратија на нашите почетоци“, заклучуваат девојките.

Автор: Цеце Николова



Спонзорирани линкови

Маркетинг