Прекинот на соработката на кинеските компании со "NBA" би можел да ги зафати и произведувачите на спортска опрема.
Судирот на американската професионална кошаркарска лига NBA со кинеските власти, би можел негативно да се одрази на работењето на американските произведувачи на спортска опрема, посебно на "Nike".
Откако Дарил Мори, главен директор на кошаркарскиот клуб "Houston Rockets", пред десетина дена предизвикал скандал во Кина изразувајќи поддршка за демонстрантите во Хонгконг, низа кинески компании ја прекинале врската со "NBA" лигата.
Таа изјава во Кина има посебна тежина бидејќи "Houston Rockets" е посебно популарен клуб во таа земја, откако во 2002-ра година го ангажирал кинескиот кошаркар Јао Минг.
"NBA" подоцна им се извинила на кинеските власти и се оградила од пораката на Мори на Твитер. Меѓутоа, штетата по приходите на лигата е веќе направена со оглед на масовните откажувања на претплатите на преносот на натпревари.
Се проценува дека "NBA" во Кина заработува 10 проценти од приходите. Но, ударот би можел да ги зафати и компаниите кои соработуваат со "NBA". Тоа пред се важи за "Nike", бидејќи се ексклузивен добавувач на спортска опрема за "NBA" лигата.
Поради тоа кон крајот на минатата недела од неколку продавници во Кина од продажба биле повлечени дресови на "Houston Rockets" и патики со логото на клубот, наведува "Reuters".
Потегот не чуди со оглед на тоа дека "Nike" минатата година во Кина, Хонгконг и Тајван стекнал приходи од 6,2 милијарди долари. Тоа е 21 процент повеќе од година претходно, додека растот на продажбата на американскиот пазар изнесувал седум проценти.
"Ако ситуацијата ескалира, ако владата им сугерира на граѓаните да престанат да купуваат западни брендови поврзани со "NBA", тоа ќе биде многу лошо", истакнува аналитичарот за трговија Мет Паел.