Трамп: Дали навистина мислите дека треба да војуваме со Турција?

Точка

14/10/2019

16:45

2.998

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател повторно во серија на објавени Твитови ја брани својата одлука да ги повлече американските сили од Сирија и со тоа да ги остави Курдите на удар на турската армија.

Претседателот на САД порача дека неговата земја нема да војува со своите сојузници од НАТО Алијансата поради Курдите во Сирија.

Откако целиот свет му се смеее поради изјавата дека Курдите не им помогнале на Американците во Нормандија, Трамп сега вели дека тие можеби и намерно ги ослободуваат џихадистите на ИСИС за да ги натераат САД повторно да се вклучат во војната.

„Дали луѓето навистина мислат дека треба да војуваме со Турција? Војните кои немаа крај ќе завршат“, порача Доналд Трамп кој нагласи дека „големи“ санкции против Турција доаѓаат наскоро.

Од друга страна, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека разговарал со германската канцеларка Ангела Меркел и британскиот премиер Борис Џонсон, истакнувајќи дека никој од нив двајца не ја знае „вистината“ за турската операција и нагласи дека се под сериозен притисок на дезинформации.

Инаку, лидерите на Европската унија размислуваат за проширување на ембаргото на оружје против Турција поради агресијата на турската армија на северот на Сирија каде што стотици Курди се убиени, а цивилното население масовно ги напушта своите домови.


Германија, Франција, Холандија, Норвешка и Финска веќе воведоа забрана за продажба на оружје на Турција.

Францускиот министер за надворешни работи, Жан Ле Дријан ги повика Соединетите Американски Држави да свикаат состанок на меѓународната коалиција против Исламската држава, предупредувајќи дека хаосот кој го предизвика турската офанзива на северот на Сирија би можел повторно да ги активира џихадистите.



Спонзорирани линкови

Маркетинг