Дали повторно ќе извисиме? Франција против почеток на преговори со Македонија

Точка

10/10/2019

18:49

5.360

Големина на фонт

а а а

„Французите им кажале на своите партнери од Европската унија дека засега се против почетокот на преговори со Македонија и Албанија“, пренесува „Ројтерс“ повикувајќи се на неименувани дипломатски извори.

Како што пренесува британската новинска агенција, повеќе од половината од 28-те земји членки на Европската унија, како и највисоките функционери од Брисел се заложуваат да ги наградат Македонија и Албанија за спроведените реформи со тоа што ќе ни се додели датум за преговори за пристап во „европското семејство“.

Тие предупредуваат дека Русија, Кина или Турција ќе ја искористат ситуацијата во проблематичниот регион доколку земјите не бидат „повлечени“ кон Европската унија.


Сепак, според официјален Париз, пред Европската унија има уште многу предизвици кои треба да бидат решени пред да се повикаат двете земји од Балканот, регион во кој во 90-тите години беснеаа војни и се уште се бори со криминалот и корупцијата.

Наводно Французите сметале дека најпрвин треба да се реформира Европската унија, да се соочи со проблемите како што се миграцијата и климатските промени, а во меѓувреме Македонија и Албанија да се фокусираат на спроведување на останатите реформи пред да се одобри почетокот на преговорите.

„Тие сè уште не се таму. Ние бараме од нив да направат дополнителни напори. Преговорите не може да започнат во октомври оваа година, туку ќе треба да ја преиспитаме ситуацијата некаде во 2020-та година“, изјавил француски дипломат за „Ројтерс“.


Министрите на Европската унија ќе разговараат токму за ова прашање идниот вторник, пред да биде одржан самитот во Брисел на 17-ти и 18-ти овој месец. Овој процес досега беше одложуван, а друг дипломат кој го поддржува доделувањето на датум за преговори не ја криел својата фрустрираност.

„Ова е многу фрустрирачко за многу земји членки, нашиот кредибилитет е доведен во прашање. Македонија и Албанија направија многу. Да, останува да се направи уште многу, но преговорите се првиот чекор. Процесот ќе трае со години и тие ќе треба да исполнат многу критериуми пред да влезат во Европската унија“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг