Американскиот претседател Доналд Трамп ја шокирал јавноста со својот изговор за тоа зошто дозволил Турција да ги нападне Курдите во Сирија. Имено, тој рекол дека дознал дека Курдите не се бореле на страната на САД во Втората светска војна.
"Тие не ни помогнаа во Втората светска војна, не ни помогнаа во Нормандија, на пример, тие споменуваат имиња на различни битки, но тие не биле таму", рекол Трамп по потпишувањето на извршниот налог на федералната уредба во Белата куќа во средата, предизвикувајќи неверување, пишува "Guardian".
Трамп рекол дека САД потрошиле многу пари помагајќи им на Курдите.
"Тие се борат за своја земја. Кога велите дека се бореле покрај САД, во право сте. Но тие се борат за својата земја", рекол американскиот претседател.
Курдските сили се бореле заедно со американските против Исламската држава речиси пет години, притоа губејќи 11.000 борци.
Трамп рекол дека дознал дека Курдите не помогнале во Нормандија од многу, многу моќна статија, веројатно мислејќи на колумната конзервативниот писател Курт Шлихтер.
"Сојузништвата се многу лесни. Но нашите сојузници не искористија", им рекол Трамп на новинарите и повторно ги критикувал членките на НАТО кои не издвојуваат два проценти од БДП за одбрана.
Неговите изјави биле критикувани од многумина, а поради турскиот напад на Курдите во Сирија се бунеле и републиканците.
"Вестите од Сирија се мачни. Турските трупи кои се подготвуваат за напад на Сирија од север, руските сили од југ, борците на ИСИС кои ја напаѓаат Рака. Невозможно е да се разбере зошто Трамп ги остава американските сојузници да бидат убиени и овозможува враќање на ИСИС", рекла Лиз Чејни, третиот највисоко рангиран член на Републиканската партија во Претставничкиот дом, пренесува CNN.
Според последните информации, најмалку осум лица загинале во турските напади во пограничните градови во Сирија.