Димитров во Штип: НАТО нѐ носи во друштво на средени и стабилни држави

Макфакс

10/10/2019

11:09

127

Големина на фонт

а а а

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, синоќа во Штип учествуваше на панел-дискусија насловена „Улогата на Република Северна Македонија во НАТО“, која се одржа во рамки на „НАТО-караванот“, во организација на Инфо-центарот за евро-атлантски интеграции. На панелот, покрај министерот Димитров, зборуваше и амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Рејчел Галовеј.

Во неговото обраќање, Димитров упати на стратешкото значење од интеграцијата на нашата држава како 30-та земја членка на алијансата. Посочи дека зачленувањето во НАТО ќе придонесе кон зголемена стабилност и предвидливост во време на регионална и глобална несигурност и ќе овозможи поповолни услови за зајакнат економски раст и зголемен прилив на странски инвестиции.

Димитров посочи дека покрај гаранциите на националната безбедност, членството во НАТО нуди рамка за натамошно демократско консолидирање, внатрешна стабилност и економски пробив.

„Членот 5 од Вашингтонската повелба сугерира дека проблемот на една е заеднички проблем на сите земји членки на НАТО. Членството во НАТО ни носи место во системот на колективна одбрана и место во друштвото на држави на кои се угледуваме, средени, демократски и стабилни“, рече Димитров.

Зборувајќи за другите придобивки, министерот Димитров подвлече дека загарантираното место на Северна Македонија во алијансата подразбира директна вклученост во глобалните безбедносни прашања и учество во процесот на донесување одлуки. Ќе бидеме во можност да учествуваме при креирањето политики, што подразбира и поистакнат надворешно-политички ангажман и простор за промоција на сопствените интереси во регионални и меѓународни рамки.

Карванот има за цел да поттикне дебата за придобивките од евро-атлантските интеграции и е поддржан од амбасадите на Обединетото Кралство, Кралството Холандија, Oдделот за јавна дипломатија на НАТО и Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг