Љупка Гугучевска Филипоска: Во Бангладеш се чувствував како супер ѕвезда

Точка

08/10/2019

15:11

7.083

Големина на фонт

а а а

Главниот град на Бангладеш, Дака, портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска Филипоска го посетила во август 2015 година како дел од тимот на ООН – Жени (UN Women) кој работел на зајакнување на капацитетите на најважните чинители во изборите и подигање на свесноста за учеството на жените во изборите.

Овој град останува нејзина незаборавна дестинација барем досега. Се надеваме ќе уживате во патувањето очекувајќи ги најновите фотографии од свадбеното патување, со оглед на тоа што од неодамна нејзината врска доби нова форма.  

За колку часа се стигнува до Дака и по која рута патуваше, каква е процедурата за престој?

- На аеродромот во Дака пристигнав по 16 часовно патување од Скопје, преку Белград и Абу Даби. Има и други рути по кои би можеле да стигнете, но секогаш патувањето трае од 12 па до 24 часа, зависно од тоа кои авионски компаниии и кои понуди ќе ги одберете. За влез во Бангладеш ни е потребна виза, која со соодветно писмо, покана или спонзорство се добива по пристигнувањето, на самиот аеродром, и чини 50 американски долари. Покрај тоа, службениците срдечно ме замолија да им дадам и банкнота македонски денари како сувенир, што на драго срце го сторив.

Каква е климата, потребно ли е време за адаптација?

- Дака е еден од најнаселените градови во светот и заедно со околината брои околу 15 милиони жители. Метежот е очигледен веднаш по пристигнувањето на аеродромот, каде покрај турканицата веднаш ќе ја забележите и високата влажност на воздухот, на која ќе ви требаат неколку дена за да се привикнете. Дотолку повеќе што јас бев во Дака во периодот на југозападниот монсун, кој е дождлив период, и трае од јуни до октомври. Дождливиот период не значи дека врне постојано, туку двапати во текот на денот има силен пороен дожд, кој не трае долго, но може да прерасне и во тропски циклон.

Колку чини сместувањето?

- Сместување во Дака во хотел со четири или пет ѕвездички можете да најдете со цени од 60 па до 180 американски долари. На цената за ноќевањето секогаш додавајте го и данокот кој изнесува 25% а кој најчесто не е нагласен во ценовниците. Хотелите во кои престојував јас задоволуваа високи стандарди на хигиена, внатрешно уредување, љубезен персонал и обилен појадок со локални специјалитети но и широка понуда од интернационалната кујна. Локалните специјалитети секогаш вклучуваат риба, пилешко, вкусни чорби од леќа, ориз на најразлични начини, туршија од тропски овошја, и сето тоа многу многу зачинето. Морам да го спомнам и националното овошје – мангото, од кое во Бангладеш има над 270 видови.

Имаат некои навики кои се необични за нас?

- Локалното население најчесто не користи прибор за јадење, па доколку одите на гости во нечиј дом, манирите налагаат да јадете со прсти. Алкохолот во Бангладеш е забранет, односно може да се произведува, продава и купува само со специјална дозвола. За време на мојот престој таму, не наидов на ресторан каде што се служи алкохол. Иако не е формално забранет бракот помеѓу припадници на различни класи, сепак изборот на брачниот партнер за синот или ќерката е се уште во рацете на родителите. Во семејствата од средна класа и самите младоженци учествуваат во преговорите околу бракот, додека таа привилегија за жените е резервирана само доколку се родени во највисоките елитни класи. Кога сме веќе кај жените, нивниот статус е инфериорен во однос на мажите. Тие ги живеат своите традиционални улоги, и имаат ограничен пристап до можности за школување, здравствени услуги, надградба, иако голем број од нив во урбаните средини работат во конфекциите и шијат облека за скоро сите брендови кои ги знаеме. Впрочем, ако ја погледнете сега етикетата на некое парче облека кое го носите, големи се шансите на него да пишува Made in Bangladesh.

Со што препорачуваш да се прошета Дака? 

- Дака е огромен град, во градежен подем, но и инфраструктура која не може да го издржи приливот на население, кое како илустрација е зголемено од околу 500 илјади во 1961 година, на 6 милиони во 1991 година. Во Бангладеш само 10% од патиштата се асфалтирани, така што при планирањето на патувањето мора да се има предвид и овој факт. За движење низ Дака на располагање ви се такси превозот, кој е доста скап, јавниот превоз – автобусите, кои изгледаат токму така како што би замислите еден градски автобус во Бангладеш – стар, шарен, преполн, со луѓе кои се возат и на покривот, и моите омилени – рикши. Рикшите ги управуваат локални мажи, кои не зборуваат англиски јазик, така што бидете подготвени на креативна комуникација. Тие се спремни да ве возат и по 20 километри во еден правец, да ве почекаат и да ве вратат назад, за многу ниска цена. Кога ќе го видите напорот кој го вложуваат при вршењето на својата работа, самите ќе посакате да им платите најмалку двојно. Тука е и модерната верзија на моторизирани рикши – тук тук. Тие се секако доста побрзи, но јас не би ги одбрала по втор пат поради ограничениот затворен простор во кој се возите на многу високи температури.


Што најмногу те плени во Бангладеш?

- Без размислување ќе одговорам: луѓето. Нивната срдечност, непосредност, почит едни кон други, насмевки, песни, танци. И покрај големата сиромаштија која владее, не можете да не ја забележите среќата во очите на жените, мажите и децата. Демографски, во Бангладеш живеат 98% Бенгалци, кои зборуваат индоевропски бенгалски јазик и пишуваат со посебно бенгалско писмо. Според религијата, жителите се главно муслимани, потоа хиндуисти, будисти и христијани. Религијата, но и историјата, има огромно влијание врз културата и однесувањето на луѓето во Бангладеш. Имено, Бангладеш својата независност од Пакистан ја стекнал во 1971 година. Пред тоа, во колонијалниот период, бил дел од колонијата Британска Индија. И покрај непостоењето на официјално класно општество, сепак очигледно е влијанието од хиндускиот систем на касти, односно нееднаквиот пристап до можностите за припадниците на различните општествени слоеви. Овој систем влијае и на склучувањето на бракови.

Убави навики на мештаните?

- Бангладешаните сакаат да читаат и рецитираат поезија, да свират и пеат, но и да танцуваат. Доколку прошетате низ Дака, во тамошните паркови ќе видите млади луѓе кои седат заедно и рецитираат песни од нивни поети и тоа го прават со жар. Впрочем, текстот на химната на Бангладеш е дело на поетот нобеловец Рабиндранат Тагоре. Во однос на музиката, чудесно е тоа што сите луѓе кои ги запознав имаа талент за пеење или свирење на некој инструмент, и тој го негуваат од мали нозе. Од мене бараа да им пеам македонски песни и многу бргу го совладуваа и нашиот ритам. Жените сакаат да се облекуваат во јаки бои и да носат многу накит. За специјални пригоди формалната женска облека е сарито. Црвено сари, кое се смета за најсвечено, добив како подарок и истото го носев на последниот ден од мојот престој во Бангладеш. Сарито ми го облекуваа четири девојки, самото облекување е вистинска уметност и мислам дека не би можела да го повторам самата. За истата пригода носев и тилака, црвена точка на челото помеѓу веѓите која како обележје ја носат тамошните жени. Интересно е тоа што во Бангладеш белата кожа се смета за престиж, па жените најчесто користат креми за избелување, а со реклами за овие креми се преплавени сите ТВ канали.

Незаборавни случки?

- Сегде кај што одев во Бангладеш бев топло пречекана, а во одредени случаи се чувствував и како супер ѕвезда. За време на една викенд посета на национален споменик во Савар, стотици луѓе ми приоѓаа и сакаа да се фотографираат со мене или пак да ги фотографираат со мене нивните деца, а истото ми се случуваше и на улица, по локалните пазари и продавници. Најверојатно им бев интересна поради специфичната боја на коса и очи, а и поради фактот што тој дел од светот не го посетуваат премногу туристи. Во една прилика морав да посетам лекар, и беше интересно тоа што ниту една од пациентките што веќе чекаше ред не сакаше да влезе пред мене, односно инсистираа јас да одам прва. Иако прво негодував, сепак морав да попуштам. Најсреќни моменти ми беа кога ми приоѓаа деца, и совршено се разбиравме иако тие не зборуваа англиски, а јас не зборувам бенгалски. Јазикот на насмевките, искрените прегратки и љубовта е универзален. Токму поради тоа секогаш би се вратила во Бангладеш.

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг