Фрчковска: Исказ од Јанева ќе има откако таа ќе ги види доказите против неа

Макфакс

24/09/2019

14:59

930

Големина на фонт

а а а

Адвокатите на Катица Јанева најавија дека ќе бараат од судот таа да се брани од слобода. Според нив, со завршување на истрагата, отпаѓа можноста таа да влијае на сведоци за случајот „Рекет“.

„Катица Јанева ќе го искористи правото лично да изврши увид во доказите, па ќе даде исказ. В четврток ќе биде увидот. Денес ќе биде врачено решението за завршена истражна постапка. Обвинителството е должно да ја сослуша осомничената пред да се заврши истрагата. Со завршување на истрагата отпаѓа можноста за влијание врз сведоци. Кога ќе добиеме известување, ќе побараме од судот Јанева да се брани од слобода“, рече адвокатката Ирена Фрчковска.

Во врска со т.н. „црн фонд” на СЈО, од каде Јанева барала пари за да ги прати бранителите, Фрчковска рече дека не разговарала со Јанева.

„Немавме шанса да разговараме со неа за таа тема“, додаде таа.

Здравствената состојба на Јанева е добра, рече нејзината бранителка.

„Сега состојбата на Катица Јанева е добра. Страда од хронични болести“, потенцираше Фрчковска.

Адвокатката Фрчковска додаде дека Јанева не е вклучена во истрагата за Меѓународен сојуз.

„Катица не е вклучена во истрагата за Меѓународен сојуз. Има телефонски разговори како дел од доказите, но не видовме докази од ПИ-мерки“, кажа таа по распитот на Јанева.

Адвокатката која ја застапува Јанева минатата недела изјави дека направиле увид во доказите што ги поседува обвинителката Вилма Русковска, но не во сите бидејќи ѝ биле презентирани селективно.

Фрчковска во неколку наврати тврди дека нејзиниот клиент Јанева не е инволвирана во „Рекет“, а ниту Обвинителството ѝ презентирало докази за делото што ѝ се става на товар.

Според истрагата што ја води Русковска, Боки 13 заедно со Зоки Кичеец во два наврати зеле 1,5 милион евра од побарани осум милиони евра со ветување дека преку ексшефицата на СЈО ќе ја запрат истражната постапка или ќе му ја олеснат положбата во постапката.

Во изминатиот период во врска со овој случај во Обвинителството беа повикани бизнисменот Силјан Мицевски, водителката Лила Филиповска и пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, претседателката на Собранието на Меѓународниот сојуз, Агапи Дика, и бизнисменот Зоран Азманов.

Минатиот месец на распит кај Русковска беше и второосомничениот Зоран Милевски – Кичеец.



Спонзорирани линкови

Маркетинг