Васил Зафирчев: Пирамидите сведочат за нераскинливата врска помеѓу човекот и универзумот

Точка

23/09/2019

11:03

4.516

Големина на фонт

а а а

Предизвик за љубителите на нуркањето, предизвик на почитувачите на историјата, културата - Црвеното море и Египет. Овојпат на оваа посакувана дестинација патувате со Васил Зафирчев. Тој би се вратил повторно поради скриените тајни и убавини кои никогаш не можат докрај да се откријат, но и заради високо развиениот туризам, одличната понуда и топлината, срдечноста и гостопримливоста на египетскиот народ.

Во Хургада некои одат да го видат подводниот свет на Црвеното море, некои познати историски места и знаменитости. Зошто ти беше предизвик тебе? 

- Годинава, за прв пат ја посетив Хургада, но само како дестинација за мојот годишен одмор. Магично летувалиште на брегот на едно од најубавите мориња на светот, најпознато по прекрасните корални гребени и извонредно богатиот морски свет, но и по пријатната морска вода и изразената плима и осека особено во овој период од годината. Културните и историски места и знаменитости беа предизвик на моите претходни фестивалски и културолошки патувања во Египет, на кои имав можност да ја запознаам богата историска и културна традиција на оваа најстара лулка на цивилизацијата.

Имаше ли можност да ги запознаеш Бедуините, што научи од нив, ги проба ли нивните специјалитети? 

- Со посебната традиција на Бедуинити се сретнав на едно моите претходни патувања во Мароко и Тунис, кога и за прв пат ја искусив Сахарската пустина и нејзината неверојатна убавина, од која токму Бедуините се несомнено најважен и најзначаен дел. Единствено тие ги знаат тајните и неоткриените убавини на навидум празната и сурова пустина. Незаборавно беше патувањето со нивните каравани со камили и арапски коњи до скриените оази на пустината, но и прекрасното искуство од поминатата ноќ во нивните логори под отвореното ѕвездено небо на Сахара.

Пирамидите или Луксор?

- Пирамидите, заради неверојатно силната и интензивна космичка енергија која зрачи од тоа прастаро место на нашава планета изградено од човечка рака небаре за вечност, а поставено токму според констелацијата на трите најголеми ѕвезди од соѕвездието Орион, кое сведочи за нераскинливата врска помеѓу човекот и универзумот.

Нил е река која го менува погледот на свет, имаше ли можност да крстариш?

- Крстарењето по Нил кое почнува од Каиро, а завршува со Асуан е прекрасна можност за посета на најзначајните култорно-историски споменици на горниот и долниот Египет, распослани на брегот на големата река. Најпознат за такво крстарење е бродот СС Судан на кој токму славната писателка Агата Кристи го пишувала својот крими роман "Смрт на Нил". Но, таа историја од 5000 илјади години по течението на Нил ја оставам како предизвик за некое од моите следни патувања во Египет.

Што им препорачуваш на оние кои не биле и би сакале да го посетат Египет?

- Да ги искористат достапните туристички понуди на македонскиот пазар и барем еднаш во животот задолжително да го посетат Египет, независно дали како дестинација за летен одмор или пак само како културолошка посета.

Со какви искуства си замина од таму?

- Египет со сета своја култура, историја и традиција е несомнено светска цивилизациска придобивка, која дефинитивно може да го промени вашиот поглед на светот и неговиот развој, но и вашето поимање, разбирање и доживување на животот и зачетоците од создавањето на нашата цивилизација, онаква каква што ја познаваме денес.

Зошто пак би се вратил?

- Заради скриените тајни и убавини кои никогаш не можат докрај да се откријат, но и заради високо развиениот туризам, одличната понуда и топлината, срдечноста и гостопримливоста на египетскиот народ.

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг