Мистерија над Антарктикот: Озонската дупка никогаш не изгледала вака, ни научниците немаат објаснување

Точка

23/09/2019

10:15

5.004

Големина на фонт

а а а

Озонската дупка која секоја година се отвора над Антарктикот е на пат да стане најмала во последните три децении, велат научниците.

Меѓутоа, тоа што дефинитивно не е јасно е нејзиниот чуден облик - силно се навртува кон Јужна Америка, наместо да се центрира на Јужниот пол. 

Тој редок облик, кој не е забележан никогаш претходно, укажува на значајното изобликување на вообичаениот поларен вортекс, кој е одговорен за одржување на ниските температури во стратосферата. Дупката моментално е на двојно помала големина од обично за овој период, па можеби веќе ја достигнала својата максимална големина, нешто помала од самиот континент Антарктик.

Озон е молекул кој се состои од три атоми на кислород и е одговорен за филтрирање на штетното ултравиолетово зрачење на Сонцето. Гасот се создава и распаѓа во стратосферата, 20 до 30 километри над Земјата.

Протоколот од Монтреал потпишан во 1987-ма година се обидува да ја подобри ситуацијата така што забранува производство и употреба на хемикалии кои најмногу ја оштетуваат озонската обвивка.

Озонската дупка минатата недела опфаќала пет милиони квадратни километри, а во исто време минатата година повеќе од 20 милиони. Во 2017-та се простирала на повеќе од 10 милиони квадратни километри, што значи дека варира од година до години. Условите за распад на озонот се појавуваат секоја година кога Антарктикот излегува од зимата, а реакција поттикнува повторното појавување на сончевото време во студената стратосфера.

И додека процесот на намалување на обвивката оваа година почнал порано од обично, го скратил неочекуван топлотен настан кој температурата во стратосферата ја кренал за 20 до 30 степени.

"Повремено доаѓа до аномалии на Антарктикот, но никој не знае што точно го предизвикало необичниот облик на озонската дупка оваа година. Тоа секако нов феномен", рекла научничката Ана Џонс.



Спонзорирани линкови

Маркетинг