Најдобрата женска светска селекција на САД остана без селектор по крајот на неодамнешното Светско првенство кое замина во нивни раце.
Сега во јавноста преку Океанот кружат гласини за новиот стратег на женската селекција на САД. Во игра беше и легендарниот Фил Невил, меѓутоа тој самиот се дистанцира од оваа позиција.
Според пишувањата во САД, во моментов главен кандидат за испразнетото селекторско место во САД е Македонецот, Влатко Андоновски. Станува збор за 42 годишен стратег, роден во Скопје кој од 2000 година е во САД и работи во женскиот фудбал.
Во моментов е тренер на женскиот тим на Реигн, а во јавноста во САД се претстави како тренер на Канзас Сити и Канзас .
Репрезентативките на САД не кријат дека го посакуваат Андоновски за нов кормилар на селекцијата, а во јавноста со коментар излезе и Али Лонг, член на актуелниот тим на нашиот стратег, Реинг.
– Тој веројатно е најинтелегентниот фудбалски мозок кој го имам видено. Тој е неверојатно подготвен во секоја смисла, ја познава играта многу добро, ја проучува, посветува многу време на тоа. Веројатно Влатко е и еден од најдобрите луѓе кои ги имам сретнато, знае како да менаџира со играчите. Според мене, Влатко би бил најдобриот кандидат за селкеторската позиција, не затоа што ми е сегашен тренер, туку затоа што тоа го мислам. Ако се пензионирам утре, ќе го имам истото мислење, -истакна Али Лонг.
Овие шпекулации секако дека стигнаа и до Андоновски, па и самиот даде изјава дека со двете раце би ја прифатил работата како селектор на женската репрезентација на САД.
– Дали има некој кој не би бил заинтересиран да го води најдобриот тим на светот? Да, јас сум пресреќен што моето име се споменува со оваа позиција. Сепак, во моментов сум посветен на мојот тим,посветен на оваа организација во која работам, на сопствениците, играчите и сите околу мене, -гласеше коментарот на скромниот Андоновски.