Командантот на иранската Револуционерна гарда, Хосеин Салами предупреди дека секоја земја која ќе го нападне Иран ќе стане главното боиште на идниот конфликт.
Додека тензиите на Блискиот исток растат во исчекување на реакцијата на Саудиска Арабија и сојузниците после нападот на саудиските рафинерии минатата сабота, од Иран испраќаат јасна порака до целиот свет.
„Сите кои што сакаат нивната земја да стане главно боиште, тогаш нека нападнат“, порача првиот човек на иранската Револуционерна гарда на вондредната прес-конференција во Техеран.
Тој додаде дека Техеран нема да дозволи евентаулната војна да се води на територијата на Иран, а иранските власти во неколку наврати досега порачаа дека доколку Иран биде нападнат, иранските сили нема да одговорат само на нападите, туку ќе бидат изведени и напади на „изворот“, што значи дека војната ќе се пресели и на териториите на „агресорите“.
Шефот на Пентагон, Марк Еспер изјави дека Соединетите Американски Држави испраќаат засилување на Блискиот исток после нападите на нафтените постројки во Саудиска Арабија кои што резултираа со 50% намалено производство на сирова нафта од страна на саудискиот нафтен гигант „Арамко“.
Одговорноста за нападите ја презедоа јеменските Хути бунтовници кои што се во блиски односи со Техеран, меѓутоа Саудиска Арабија и САД веќе го вперија прстот во Иран, иако немаат некои конкретни докази за тоа.
Американците ќе испратат засилување на барање на своите сојузници – Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.