Дојде и тој ден: Земјаните ги ослободуваат вонземјаните, Пентагон и американското воздухопловство предупредуваат дека нема да толерираат упад во Областа 51

Точка

20/09/2019

18:02

4.515

Големина на фонт

а а а

Нешто што пред неколку месеци започна како шега на еден американски студент на Фејсбук, стана хит тема во светските медиуми кои се прашуваат што ќе се случи денеска во Областа 51 и дали навистина ќе има упад во воздухопловната база во Невада.

Во јуни, студентот Мети Робертс ја покрена групата “Упад во Областа 51, не можат сите да нè спречат” за да се проверат теориите на заговор кои велат дека во таа област, американската војска држи вонземјани и вселенски бродови. 


“Ќе се состанеме во Областа 51 и ќе го координираме нашето влегување. Ако трчаме во “наруто” стил, можеме да се движиме побрзо од нивните куршуми. Одиме да ги видиме тие вонземјани”, стоеше во “повикот”.

Неговата порака привлече огромно внимание, а за упадот се пријавиле повеќе од еден милион луѓе, додека уште толкав број изразиле интерес за ваквиот настан.

Жителите на градовите во Невада во близина на воздухопловната база која се наоѓа на околу 180 километри од Лас Вегас, биле изненадени од повиците на луѓето кои сакале да резервираат ноќевање.


Сега, кога дојде тој ден, мисијата “Упад во Областа 51” изгледа многу поинаку – онлајн шегата предизвика реакција од американската војска и Фејсбук, пишува “Independent”. Наскоро, целата приказна доби сериозен тон, а по тој повод се огласи и портпаролката на американските воздухопловни сили, Лора Мекендрујз, која упати остро предупредување до сите кои имаат таква намера.

“Американските воздухопловни сили секогаш се спремни да ја штитат Америка и нејзините поседи”, истакнала таа.


Минатиот месец, овој настан исчезна од Фејсбук, а “Independent” наведува дека не е точно прецизирана причината за тоа. Во тој момент, интерес за упад во областа изразиле повеќе од два милиони луѓе. “AP” наведува дека никој не знае што точно ќе се случува денеска на ова место и дека луѓето пристигнуваат во Невада, односно во помалите места Рејчел и Хико.

Според наводите на “Reuters”, во три часот по полноќ по локално време, кога бил планиран упадот, се собрале само десетина луѓе кои носеле костими, маски од вонземјани и натписи “Ослободете ги вонземјаните”.


Областа 51 веќе подолго време е под велот на мистеријата, со теориите на заговор дека тука се наоѓаат остатоци од тела на вонземјани и нивниот неидентификуван летечки објект кој наводно се срушил во Розвел, Ново Мексико, во 1947 година.

Американската влада не го потврди постоењето на базата сè до 2013 година, кога ЦИА објави архиви во кои се наведува дека тоа место е користено за тестирање на шпионски авиони. Меѓутоа, ваквите документи не ставија точка на шпекулациите за вонземјаните. Рејчел во Невада се наоѓа на само 19 километри од Областа 51, северно од Лас Вегас и во тоа место е организиран музички фестивал за сите “гонители на НЛО”, додава “Reuters”.




Спонзорирани линкови

Маркетинг