Трудо среде скандал, најмалку трипати се маскирал како црнец

Макфакс

19/09/2019

21:03

3.228

Големина на фонт

а а а

Канадскиот премиер Џастин Трудо денеска западна во голем скандал. Утрово беше објавена негова стара фотографија на која тој е облечен како Аладин, а лицето му е обоено во црна боја, но по тоа е откриено дека тој како црнец се маскирал уште во најмалку два наврати.

Трудо веќе се извини за првиот откриен случај на т.н. „блекфејс“, кој припадниците на црната раса го сметаат за навреда.

Фотографијата од 29-годишниот Трудо со лице затемнето со шминка се смета за голем предизвик за лидерот кој често зборува за важноста на борбата против расната дискриминација и кој во неговиот кабинет има тројца истакнати министри со индиско потекло, пренесе „Ројтерс“. 

„Блекфејс“ е термин што се употребува кога белци ги бојат своите лица во потемна или целосно црна боја. При извинувањето, Трудо призна дека тоа го направил не само во таа пригода, туку и уште еднаш. 

Трудо објасни дека се работи за натпревар за таленти во средното училиште што го посетувал, а за потребите на кој ставил црна боја на лицето и перика на главата. 

Фотографијата, по сè изгледа, најпрво се појави на социјалните мрежи, а Трудо дури подоцна призна дека навистина се маскирал како црнец. На натпреварот тој ја отпеал реге-песната Day-O, популаризирана од афро-американскиот пејач и активист Хари Белафонте. 

Но по тоа, канадскиот портал „Глобал њуз“ објави снимка од Трудо на која тој и третпат има „блекфејс“. 

Се работи за снимка, наводно направена во 90-тите години, исто така од периодот на средношколските денови на Трудо. На неа, тој навива пред камерата, кревајќи ги рацете, кои како и неговото лице, се обоени црно. Трудо носи и афроперика на главата. 

Ова значи дека по едвај 12 часа откако „Тајм“ ја објави првата фотографија, откриени се вкупно три вакви случаи. 

Во првиот случај, станува збор за забава одржана во 2001 година на тема „1001 ноќ“ во средно училиште во Ванкувер каде Трудо предавал како наставник. Фотографијата завршила во школскиот алманах каде и ја пронашле новинарите на „Тајм“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг