Макрон и Конте во Рим разговараа за миграционите политики

Макфакс

19/09/2019

14:54

433

Големина на фонт

а а а

Францускиот претседател Емануел Макрон во средата се сретна со италијанскиот премиер Џузепе Конте. Макрон е првиот европски лидер кој го посетил Рим по формирањето на новата влада.

Коалиционата влада на Конте со Демократската партија беше потврдена од италијанскиот парламент минатата недела.

Главното прашање за кое дискутираа двајцата лидери беше миграцијата. Макрон тврди дека политиката за баратели на азил и миграција мора да биде похумана, солидарна и ефикасна.

„Ние сме колективно неефикасни во заштитата на оние кои имаат право да бараат азил и во враќањето на оние што немаат такво право“, рече Макрон на прес-конференцијата.

Конте рече дека сакаат да најдат начин да ја направат ЕУ „посоцијална, побезбедна, поеколошка“ и „посилна во светот“.

Лидерите зборуваа и за конфликтот во Либија. Макрон рече дека тие се согласуваат дека решение може да се најде само со „политички компромис и дискусија“.

По состанокот со Конте во средата, Макрон напиша на „Твитер“: „Француско-италијанското пријателство е неуништливо. Понекогаш не се согласуваме. Понекогаш се караме или не се разбираме едни со други. Но, секогаш сме обединети“.

Односите меѓу двете земји беа тензични за време на претходната влада која ги вклучуваше партијата на Матео Салвини и движењето „Пет ѕвезди“.

Салвини имаше остар став во однос на миграцијата, забранувајќи им на спасувачките бродови да влезат во италијанските води.

Состанокот во средата многумина го сметаат за ресетирање на француско-италијанските односи. Макрон се сретна и со италијанскиот претседател Серџо Матарела.



Спонзорирани линкови

Маркетинг