Се чекаат официјалните резултати: Нетанјаху се бори за политички опстанок после 10 години на власт

Точка

18/09/2019

09:44

935

Големина на фонт

а а а

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се бори за политички опстанок откако првичните резултати од парламентарните избори одржани вчера покажаа дека ќе има тесна трка и промена на политичката клима во земјата.

Главниот противник на Нетанјаху, Бени Ганц изјави дека според првичните информации, најдолговечниот израелски премиер е поразен, но сепак нагласи дека ќе треба да се почекаат официјалните резултати.

Нетанјаху не прогласи ниту победа, ниту пораз и само рече дека ги очекува резулатите. Неговото неуспешно составување на влада пред неколку месеци доведе до нови парламентарни избори.


Поранешниот генерал Бени Ганц изјави дека неговиот центристички сојуз на „Сините“ и „Белите“ ја исполнил својата мисија и вети дека ќе работи на формирање на влада на национално единство.

Се проценува дека партијата „Ликуд“ на Нетанјаху ќе добие од 31 до 33 пратенички места од вкупно 120 во израелскиот парламент, а центристичкиот сојуз на Ганц од 32 до 34 места. Ниту една партија нема доволно поддршка за добивање на 61 мандати колку што се потребни за составување на влада.

Поранешниот министер за одбрана на Израел, Авигдор Либерман, инаку претседател на десничарската партија „Беитену“ која би можела да пресуди во составуваањето на новата израелска влада, повика синоќа да биде формирана влада на национално единство во која би влегле партиите на Нетанјаху и Ганц.


Добар резултат остварила и Заедничката арапска листа која се проценува дека ќе добие од 13 и 15 места во споредба со претходните избори кога Арапите имале најмногу 10 пратенички места.

Парламентарните избори одржани во вчерашниот ден се втори во последните пет месеци во Израел. Никогаш во израелската историја не биле одржани избори два пати во иста година.



Спонзорирани линкови

Маркетинг