Криминалците секојдневно на улиците се пресметуваат, се консумира дрога на јавни места сред бел ден, а проституцијата е вообичаена работа.
Тепачки, дрога, алкохол и секс на јавни места, ова е секојдневие во квартот „Пикадили Бејсин“ во северен Манчестер, место со едно од најголемите стапки на криминал во цела Велика Британија, па и западна Европа.
Згрозените жители на квартот ја опишуваат својата населба како „хотспот за банди“ и стравуваат да се движат на улиците кога ќе падне мрак. Тие кои се жалат на буката и деликвентското однесување, агресивната манчестерска младина ги малтретира и застрашува, па во квартот владее опсадна состојба.
Квартот кој се состои од неосветлени улици и големи паркинзи, идеален е за продавање на дрога, проституција и криење од полицијата. Забавите исполнети со секс, дрога и гласна музика понекогаш траат и по 24 часа, а тоа го излудува локалното население.
Секој ден жителите на Манчестер гледаат дрогирани бездомници, а пресметките на бандите се секојдневие. Не е реткост некој со автомобил да прегази по некој бездомник кој дрогиран лежи на паркинг, а мрачните улици се полни со наркомани, сексуални работници и нивните муштерии, пренесува "Manchester Evening News".
Пикадили Бејсин се наоѓа во најнеразвиениот дел од градот, но поради одличната локација е препознаен како подрачје за потенцијални инвестиции. Секако, тоа ќе се случи доколку ситуацијата со криминалот се смири.
Снимките од продавање дрога на улиците се редовна работа, а многумина за ваквото безредие ја обвинуваат одлуката за намалување на буџетот во полицијата. Од 2000-та година, манчестерската полиција останала без 2 илјади полицајци и илјада други службеници. Во истиот период, стапката на криминал двојно се зголемила.
„Секој ден само пушат марихуана, се тепаат и продаваат дрога. Нема што да бараат овде. Кога една соседка им се спротистави, се качија на нејзиниот балкон и толку ја исплашија што со денови не излегуваше од нејзиниот стан. Сега ѝ е страв да живее во сопствениот дом. Ова што се случува влијае на квалитетот на живот. Пред некој ден бездомници се тепаа пред мојот влез, крв имаше насекаде“, изјавил еден жител на Манчестер за локалните медиуми.