На денешен ден: Кога се чинеше дека цела индустрија ќе пропадне, се појави херојот од Јапонија - Супер Марио!

Точка

13/09/2019

13:24

3.374

Големина на фонт

а а а

Кон средината на минатиот век дојде до брз развој на компјутерската технологија, а истата на почетокот на 70-тите произведе сосема нова индустрија која денес е „тешка“ речиси 45 милијарди долари - индустријата на видео игрите!

Голема улога во развојот на видео игрите имаше компанијата Atari која во 1972-ра година ја претстави својата прва игра наречена Pong. Станува збор за компјутерски пинг понг со рудиментална 2-димензионална графика, но неговата појава беше апсолутно револуционерна.

Набрзо потоа започнаа да се појавуваат и првите домашни играчки конзоли, а меѓу пионерите беше Magnavox Odyssey. Сепак, поради недостатокот на иновативност, пазарот на видео игрите стана заситен и во 1977-ма година дојде до крах на индустријата на видео игрите.


Space Invaders и Nintendo

За да дојде до опоравување мораше да се претстави нешто ново, интригантно, нешто што ќе ги „зарази“ луѓето, а нема да биде пинг понг. На сцена тогаш настапува Јапонија, поточно компанијата Taito која во 1978-ма година во продажба ја пушта видео играта Space Invaders по што започнува „ренесансата“.

Благодарение на овој хит - поместување на летало и пукање кон вонземјани кои се приближуваат, таканаречените „аркадните кабинети“ со игри започнаа да се појавуваат насекаде, од трговски центри, обични продавници, па се до ресторани, кафетерии. Продадени се дури 360 илјади вакви апарати.

Но, новата индустрија повторно се покажува како нестабилна, а веќе во 1983-та година следува нова рецесија во овој сектор поради слични причини. Една од причините беше и падот на интересот за конзоли поради појавувањето на компјутерите. Бројни компании пропаднаа, а аналитичарите предвидуваа и целосно гаснење на индустријата со видео игри, но тогаш Јапонците повторно настапуваат на сцена.


Се појавува Nintendo! Денес кога велиме Nintendo веднаш тоа го поврзуваме со видео игри со кои што практично пораснавме, но самата компанија е всушност основана во 19-тиот век, односно во далечната 1889-та година.

Компанијата ја основаше Фусаџиро Јамаучи (1859 - 1940) и долго време се занимавала со продажба на карти за играње и други друштвени игри. Подоцна компанијата започнува да се занимава и со такси сервис, ТВ канал, па дури и ланец на „љубовни хотели“.

После многу децении, компанијата започна да стагнира и дури да опаѓа, а потоа се одлучија на радикален потег - влез во крајно непредвидливиот пазар на видео игри. Во 1985-та година на американскиот пазар ја пласираат својата нова конзола - Nintendo Entertainment System (NES), верзија на нивната конзола Famicom за јапонскиот пазар.

И конечно, Super Mario Bros.

Нова конзола? Ништо посебно, секако има веќе премногу на пазарот. НО, конзолата NES имаше нешто што другите го немаа - на 13-ти септември 1985-та година излегува нивната нова видео игра: Super Mario Bros. Сè после тоа е историја.

Super Mario е една од најпродаваните видео игри во историјата - продадени се повеќе од 40 милиони физички копии. Покрај самиот NES, токму Super Mario е една од најважните причини поради која индустријата на видео игри застана на нозе и остана цврсто да стои и ден денес.


Ликот на Super Mario е уникатен - Марио е италијански водоинсталатер кој се наоѓа во еден бизарен свет каде што е киднапирана принцезата која мора да ја спаси од главниот антагонист, змејот Куп. Играчот го превзема Марио (или неговиот брат Луиџи) и минува низ разни нивоа соочувајќи се со многу предизвици, пречки и непријатели.

Да, Марио денес е икона на поп културата и после 3 децении од неговото појавување. Направени се и бројни продолженија, а Super Mario Bros го претвори Nintendo во гигант.

Гејминг индустријата денес

Видео игрите денес постојат во сите замисливи и незамисливи жанрови, не ги играат само деца, туку професионалци кои заработуваат милиони. Но, може ли да се случи нов крах како во 70-тите и 80-тите?


Тешко е да се замисли, но факт е дека квалитетот започна да опаѓа, многу компании се најдоа на мета на критики - гејмерите ги обвинуваат дека нема квалитет и иновации, туку само се обидуваат да извлечат од нив што е можно повеќе пари. Критиките стануваат сè погласни, а истовремено проблем е тоа што најновите видео игри бараат моќни конфигурации кои што чинат премногу.

Сето ова мириса на некое ново заситување, а ако дојде до тоа, ќе бидат потребни нови иновации слични на Pong, Space Invaders и Super Mario, можеби концепт на игра кој што сега не можеме да го замислиме и ќе нè остави без зборови како што тоа го направија култните видео игри.



Спонзорирани линкови

Маркетинг