Работодавецот е одговорен за секоја несреќа што ќе се случи на службено патување, заклучил судот во Париз, а тоа се однесува и на срцев удар што ќе се случи за време на попатен сексуален однос во хотелска соба.
Таков е случајот со Ксавиер, кој бил вработен во француската компанија „TSO“, што се занимава со изградба и одржување железнички пруги. Судот во Париз пресудил дека неговата смрт е несреќа на работа, а од компанијата се бара да му плати отштета на семејството на починатиот Ксавиер.
Компанијата на судењето објаснила дека нивниот вработен во хотелската соба во друштво на неименувана гостинка не ја извршувал својата работа, туку имал вонбрачен секс. Овој несреќен настан се случил во централна Франција во 2013-та година, додека Ксавиер бил на службено патување, пренесува BBC.
По срцевиот удар што го доживеал во хотелска соба, човекот починал, а здравственото осигурување заклучило дека станува збор за несреќа на работно место. Како што објасниле оттаму, сексуалната активност е нормален дел од животните активности, исто како туширање или јадење.