Неочекувана вест од Белата куќа: Трамп го смени „опасниот“ советник за национална безбедност

Точка

10/09/2019

18:36

2.667

Големина на фонт

а а а

Советникот за национална безбедност Џон Болтон е сменет од функцијата, потврди на Твитер американскиот претседател Доналд Трамп.

„Синоќа го информирав Џон Болтон дека на Белата куќа повеќе не ѝ се потребни неговите услуги. Имав многу големи разлики во врска со неговите предлози, како и со други лица во мојата администрација, па затоа го замолив Џон да поднесе оставка, нешто што тој го направи утринава“, порача Доналд Трамп.

„Му благодарам на Џон за неговата служба. Следната седмица ќе го именувам новиот советник за национална безбедност“, додаде американскиот претседател.


Засега нема информации кој би можел да биде наследникот на Џон Болтон на позицијата советник за национална безбедност на американскиот претседател во Белата куќа.

Болтон беше третиот советник на Доналд Трамп за национална безбедност. Првиот, Мајкл Флин беше сменет само неколку месеци подоцна откако стапи на должност, поради неговите недозволени контакти со Русите, а вториот Х.Р. МекМастер беше сменет минатата година.


„Њујорк Тајмс“ пренесува дека Трамп и Болтон имале фундаментални несогласувања околу практично сите клучни надворешнополитички прашања, вклучувајќи ги Иран, Северна Кореја и Авганистан, а одлуката за негова смена доаѓа во моментите кога американскиот претседател настојува да воспостави дипломатски контакти и да отвори дијалог со долгогодишните непријатели - Иран и Северна Кореја.

Таквата иницијатива наиде на силен отпор во неговата администрација, а еден од неговите опоненти во тој поглед беше и Болтон кој важеше за воинствен „јастреб“ кој често решението го гледаше во примена на сила.



Спонзорирани линкови

Маркетинг