Како да му помогнете на вашето дете да се адаптира во новата училишна средина?

Точка

30/08/2019

16:40

4.176

Големина на фонт

а а а

„Нашата помош во адаптацијата треба да почне многу порано. Во градинките постојат програми кои се слични со училишните и преодот ќе биде лесен. Но, сепак и родителите треба да учестуваат во оваа помош со своите позитивни зборувања и однесувања кон школото и образованието“- вели доцент д-р Мирјана Јовановска Стојановска од МИТ Универзитетот, факултет за психологија.

И овој септември не само за децата во градинка, туку ќе биде почеток и за првоодделенците, средношколците , а подоцна и за бруцошите. За нив Јовановска советува да им помогнеме да веруваат во себе повеќе и да им бидат појасни целите, па поуспешно да поминуваат низ секојдневието. Да знаат дека има таму дома некој кој ги сака и ги чека, а они ќе наоѓаат начини да „преживеат“.

Која е идеалната возраст за во градинка?

-Идеална возраст како апсолутна добра препорака нема. Идеалноста е индивидуална и зависи од психолошкиот, менталниот, емоционалниот, интелектуалниот , социалниот развојот на детето. Родителите би требало најдобро да знаат како се развива нивното дете и и колку успешно ги поминува развојните фази и би било идеално да си го однесат детето во градинка кога ќе биде подготвено. Кај нас е поинаква реалност. Децата одат во градина во најголем број на случаи затоа што мораат, бидејќи нивните родители одат на работа.

Дацата да растат со баба и дедо или во градинка?

-Децата намногу треба да растат со своите родители. И тоа не смее да се изгуби од вид. Бабите и дедовците и градинките се помош која би требало да ја користиме „кога се мора“. И таа помош тогаш би било добро да биде комбинација од двете можности. Бабите и дедовците имаат важно место во животот на еден незаменлив начин: детето да ужива во нивната љубов и внимание. Градинките се место каде детето ги учи едни од најважните лекции во животот: само да се соочи со светот и да гради вештини и способности како би функционирало во тој свет. Како детето расте и се повеќе созрева градинките стануваат се поважни.


Полесно ли е да се адаптираат во училиште оние деца кои оделе во градинка?

-Да, секако дека е полесно затоа што тие деца веќе совладале многу вештини на адаптирање кон нови ситуации и луѓе. Исто така научиле вештини и за самоконтрола на некои свои внатрешни импулси. Не значи дека децата кои не оделе во градинка нема да се адаптираат , секако дека тоа зависи од нивната созреаност не само од возраста. Но, поголем процент ќе покажат недостаток на вештини на адаптација, социјализација и самоконтрола.

Како да се адаптираат полесно првооделенците?

-Нашата помош во адаптацијата треба да почне многу порано. Во градинките постојат програми кои се слични со училишните и преодот ќе биде лесен. Но, сепак и родителите треба да учестуваат во оваа помош со своите позитивни зборувања и однесувања кон школото и образованието. Со своето покажување на почит кон наставничките и останатиот персонал и кон целат образовна институција. Детето да го доживее училиштето како безбедно место за него.

Децата кои не оделе во градинка треба да добијат информации за школото една година порано. Оние кои се грижат за децата треба да им помогнат да се запознаат со правилата, материјалот, книгите, просторот, да играат школо дома.


Тешко е да му помогнеш на детето да се адаптира два дена пред школо. Тоа ќе биде голема промена за него и затоа треба поодговорно и навремено да се размисли за помошта што треба да му ја дадеме.

И на средношколците во прва година не им е лесно?

-Периодот од основно во средно училиште е голем скок во животот на еден адолесцент . Не се менува само зградата, се менуваат другарите, се менува системот на учење, се менуваат наставниците. И сето ова е во период кога во адослецентите има внатрешна бура од интензивен интелектуален, психо-социјален, сексуален, емционален развој. Да им направиме дома да им е тивко, место каде што ги разбираат, каде што ги прифаќаат и ги подржуваат. Ќе им треба да имаат каде да собираат сили да се справат со светот кој ќе ги опкужува надвор. Да ги преживеат сите адаптирања, љубови, отфрлања, успеси, избори.

А факултетот подразбира нова средина, нови предизвици и ризици како да се избегнат?

-Ова за жал неможе да се избегне. Може да им помогнеме на младите само да градат механизми за адаптација кон новото. Да им помогнеме да веруваат во себе повеќе и да им бидат појасни целите, па поуспешно да поминуваат низ секојдневието. Да знаат дека има таму дома некој кој ги сака и ги чека, а они ќе наоѓаат начини да „преживеат“. Одоговорноста која ќе ја имаат за себе си и изборите и постапките нагло ќе порасне и треба да им покажеме повеќе толеранција во обидите таа одговорност да ја носат.


Има ситуации во кои учениците одлично се адаптирале, а потоа одбиваат да одат на училиште, кои можат да бидат причините?

-Причините се некаде таму во училиштето во најголем број, но може да е реакција и на она што му се случува надвор од училиштето или е поврзано со неговата здравствена состојба. За родителите и наставниците од суштинска важност е да ја откријат причината за одбивањето да се оди во училиште за да може правилно да се интервенира. Побарајте стручна помош од психолозите, педагозите, лекарите. Може да е детска караница, преку проблеми со наставниците, проблеми во семејството, различен тип на злоупотреби на децата. Здравствени проблеми кои може да се од минлив карактер до потешки заболувања. Одбивањето на детето да оди во школо сфатето го сериозно и помогнете му на детето.

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг