Домородец од Амазонија: „Ќе ја дадам последната капка крв за да ја спасам шумата“

Макфакс

23/08/2019

20:01

1.981

Големина на фонт

а а а

Додека пожарите беснеат во Амазонија, припадниците на бразилското племе Мура ветија дека ќе се борат за својата земја.

Најголемата шума на светот, Амазонија, е значајно складиште на јаглерод што го забавува темпото на глобалното затоплување, пишува Би-би-си и наведува дека Амазонија се белите дробови на планетата бидејќи обезбедува 20 проценти од светските резерви на кислород.

Истовремено, Амазонија е дом на околу три милиони видови растенија и животни и околу еден милион домородци.

„Ова е целосно уништување. Ако треба, ќе ја дадам и последната капка крв за да ја спасам оваа шума“, изјави Раимундо Мура, припадник на племето Мура.

Тој додаде дека секое едно дрво е живо и има право на живот.

„Сега луѓето сакаат да го уништат. Ние ќе се обидеме да го заштитиме ова подрачје, природата и животните“, истакна тој.

Како што рече, неговото племе со години е тука, додека уште немало струја или пристапни патишта.

„Сега секој ден се соочуваме со уништување на шумите и грабање на земјиштето. Тажни сме затоа што шумата умира“, рече Ханде Вакана Мура, исто така член на тоа племе.

„Веќе гледаме дека климата се менува. На светот му треба оваа шума. Таа е потребна за нас и нашите деца “, рече тој.



Спонзорирани линкови

Маркетинг