Откако вчера беше нападнат турски воен конвој во сириски Идлиб, од Анкара порачаа дека нема да се повлечат од своите позиции во Сирија, а Ердоган најави дека ќе разговара со Трамп и Путин.
Портпаролот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, во текот на вчерашниот ден порача дека сите турски воени единици на просторот на сириската северозападна провинција Идлиб ќе останат таму каде што се и порача дека тие се воспоставени врз темел на договорот со Русија.
Неговата изјава доаѓа откако во понеделникот сириските воздушни сили извршија напад на турски воен конвој кој се движел кон турска набљудувачка точка кај сирискиот град Кан Шеикун.
Од Дамаск порачаа дека турскиот конвој бил нападнат од нивните сили затоа што истиот транспортирал оружје за терористите.
Од Анкара порачуваат дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во следните неколку дена телефонски ќе разговара за актуелната ситуација со американскиот претседател Доналд Трамп, како и со претседателот на Русија, Владимир Путин.
Да потсетиме, властите од Дамаск на чело со сирискиот претседател Башар Ал Асад, најголемиот сојузник на Русија, остро се противат на воената присутност на турската армија во нивната земја и тврдат дека тоа е грубо прекршување на сите меѓународни закони, агресија и повреда на сирискиот суверенитет.
Сепак, Турците не планираат да ги повлечат своите сили од северозападна Сирија, а неодамна Ердоган дури и најави нова офанзива источно од реката Еуфрат која што беше сопрена после реакцијата на САД.