Француската полиција почнала да поставува контролни пунктови и "да ги чешла" плажите во рамките на безбедносните мерки пред самитот Г7 во Бијариц, на југозападниот брег на Франција.
Во тек се и подготовките на демонстрантите кои креваат кампови во градовите во близина на шпанската граница, бидејќи им е забранет влез во Бијариц, за да се подготват за протест за време на самитот, кој се одржува од 24-ти до 26-ти август.
Тие планираат, меѓу другото, да протестираат и за економските неправди и климатските промени.
Во елегантното летувалиште Бијариц ќе се соберат лидерите на САД, Велика Британија, Германија, Јапонија, Канада и Италија, а домаќин ќе им биде францускиот претседател Емануел Макрон.
Властите ќе ги затворат воздушниот, железничкиот и патниот сообраќај кон Бијариц при доаѓањето на светските лидери.
Таа мерка во екот на летната сезона, меѓутоа, не е по волјата на локалните бизнисмени.