Орбан и Меркел присуствуваа на одбелажувањето на 30 години од падот на Железната завеса

Макфакс

19/08/2019

19:33

1.051

Големина на фонт

а а а

Лидерите на Унгарија и на Германија, Виктор Орбан и Ангела Меркел присуствуваа на церемонија на одбележување на 30-годишнината од така наречениот Паневропски пикник, настан на границата помеѓу Австрија и Унгарија, за кој се смета дека помогнал за падот на Берлински ѕид.

На церемонијата во унгарскиот западен град Шопрон, Орбан и Меркел ја истакнаа заедничката историја на нивните земји и европските вредности што ги делат.

Меркел и се заблагодари на Унгарија што на 19 август 1989 година унгарските граничари им дозволија на околу 700 бегалци од Источна Германија да ја поминат границата со Западот, со што се изврши дополнителен притисок врз комунистите во источен Берлин да им дозволат на своите граѓани да емигрираат. 

,,Германците со голема благодарност се сеќаваат на придонесот на Унгарија за надминување на поделената Европа и придонесот на Унгарија во реализацијата на повторно обединување на Германија”, рече Меркел. 

Орбан е еден од најжестоките критичари на политиката на Меркел за отворање на вратата на Германија за барателите на азил за време на бегалскиот бран 2015 и 2016 година.Запрашан за одлуката на Будимпешта да постави ограда долж јужната граница за да ги спречи мигрантите да стигнат до ЕУ, иако Унгарија помогна пред 30 години во уривањето на Железната завеса, Орбан истакна дека тие два настана се во целосна согласност еден со друг.



Спонзорирани линкови

Маркетинг