На германски автопат се појави камуфлиран Jaguar F-Pace на кој можат да се видат четири издувни цевки, што значи дека најверојатно станува збор за top-gun верзијата на британскиот производител.
Без сомнение, џипот на Jaguar е пред рестилизација, меѓутоа во овој случај изгледот на задната страна сугерира дека станува збор за SVR моделот.
Актуелната перформантна верзија го користи 5,0-литарскиот V8 мотор на Jaguar со компресор, кој го дели со F-Type и моделите на Range Rover.
Меѓутоа, голема е веројатноста новиот F-Pace да го добие новиот агрегат од BMW. Според германските медиуми, помеѓу компаниите постои соработка, а Jaguar во иднина ќе добие пристап до моторите, но и платформите на баварскиот гигант.
Како кандидат за SVR моделот се наметнува 4,4-литарскиот bi-turbo кој го имаат моделите M850i и M5 на BMW и доаѓа во изданија од 450 до 625 коњски сили.