„Ајде на кафе“...

Точка

26/07/2019

13:32

2.268

Големина на фонт

а а а

“Раат кафето” веќе изумира, како што изумира раатот во секој од нас драги мои. Во овој термин лежи целата суштина на поимот кафе, не на прозиводот кафе!

Имено, кафето е раат ако секој од нас во себеси е раат и со тој со кого пие кафе е раат. Бидејќи ретко кој денес е раат со себеси а не па со другиот. Раат кафето се утилитаризира, стана функционалистички капиталистички производ на потребштините на секој недобронамерник, т.е. се (зло)употребува и постанува “бизнис кафе”, не само во буквална смисла, туку и општо.

Кафето е “силувано” од една форма на не-комуникациска комуникација која го изгубила контактот во себеси, затоа што постанала само форма на заедничка себе-излолација која е полесна затоа што се дели со други луѓе, т.е. кога седиме на кафе, а гледаме во своите виртуелни апарати, ние пренесуваме една информација – “сите сме сами во своето осамено заедничарење – вели проф. д-р Мирослав Пендароски – психолог.


Разликата во "Ајде на кафе?"некогаш и денес?

- Кафето никогаш не било само кафе и тоа сите ние многу добро го знаеме. Познато е дека во различни краишта на светот, одреден пијалок, храна или друг вид на задоволство и навика претставувале причина, повод, па како сакате и изговор за социјализација, дружба и поврзување меѓу луѓето. И не само тоа. Кафето и другите “социјализациски” пијалоци имаат и своја индивидуалистичка психологија. Имено, како што во други краишта на светот, чајот, некои видови сокови, алкохолни пијалоци и слично, така и на овие балкански простори, кафето освен својата социјализациска функција, на луѓето-негови обожувачи им приредува ретко убава, тивка и интимна средба на самите со себеси. Некои од нас уживаат да го испијат сами наутро и да размислат за себеси, својот живот, својата иднина и слично. Има различни пијачи на кафе – социјални (пијат во друштво и водат разговор или се бидуваат да отворат некоја тема), осамени пијачи (погореспоменатите кои сакаат сами да си го дозволат задоволството и никој да не им го наруши), ноторни пијачи/зависници (за кои е тешко да се каже дали го уживаат или се зависни од истото, едно е сигурно – го прават по дузина пати на ден!), спортски пијачи (одвреме навреме за друштво или од култура пивнуваат некој вид полесно кафе), одлични познавачи на кафето (пијат секогаш нови видови кафе и го следат трендот на се што е ново во областа), озборувачки кафеџии (кои секој нов трач во комшилукот едвам чекаат да го пренесат додека мириса на кафето кое се лизга со муабетот), префинети пијачи (нешто како мераклиите на виното, знаат што е добро кафе и го уживаат), ритуални тертипџии (кафечии кои ритуално пијат кафе секогаш во исто време, на ист начин и во својата омилена шолја), чаршиски кафеџии (кои го пијат само надвор од дома), физиолошко-здравствени кафеџии (пијат кафе зошто докторот им рекол или дека имаат низок притисок и слично) и многу други кафеџии. Да заклучиме во воведов, кафето е психосоцијален и физиолошки феномен. За него може да се развие цела теорија од секој аспект – социолошки, психолошки, медицински, културолошки итн.


Од социолошки аспект, зошто "раат кафето" се сведе на " бизнис кафе"?

- За жал, како и многу други современи, па и традиционални феномени, зошто кафето не го измисливме ние и кафологијата се извитопери, се измени, да не речам, се исчуручи. Зошто? Затоа што еднаш некогаш изразот “ајде да пиеме кафе”, значеше – “дојди ми на гости”, ”ајде да се дружиме, да си прикажеме”, “што има ново?!” итн., односно, повикувањето на кафе значеше покана за дружба, споделување, делење, интимност, почитување на домот, па зошто да не повикување и на љубов, зошто на овие простори тоа има и своја еротична и љубовна димензија. На крај на краиштата, кога некој ќе речеше, ајде на кафе, навистина го мислеше тоа, односно, тој договор кој паднал најчесто и се испочитувал. Денес имам чувство дека – ајде на кафе повеќе е нешто како “ајде ќе се чуеме”, а знаеме дека тоа нема да се случи, туку дека е кажано за да се намали социјално-психолошката тензија кога случајно сте сретнале познајник некаде произлезена од моментот на изненадување (бидејќи ни вие ниту тој/таа сте помислиле едн на друг долго време) а со кој маневар се олеснува скорото поздравување. Тоа го правиме од една страна, затоа што сакаме пред себеси и другите да излеземе морално чисти и добри луѓе а од друга страна бидејќи толку сме се оттуѓиле што немаме ниту тропка пристојност да не го кажеме тоа што нема да го сториме. Денес, “ќе пиеме кафе?!” во најдобар случај значи – ајде да излеземе, да се најдеме некаде, да се видиме со некого и слично. Но, многу често, ајде да пиеме кафе значи, “седни на интернет да ти пратам слика од кафе кое ниту мириса, ниту вкусно, ниту се споделува, од проста причина – дека не постои!” Денешното кафе само во ретки исклучителни мигови значи се погоре испишано, со чесни исклучоци, кои станаа раритетни дури смешни примероци на нешто толку човечко а просто, наивно и искрено. Кафето стана тренд, мода, престиж и се друго, а го изгуби суштественото – моментите на Сега и Овде живеење без стегање за тоа што ќе биде утре ! Едно време не беше важно дали некој ќе ви свари обично кафе, ќе ви направи нескафе или еспресо. Беше важно дека луѓето го правеа и го пиеја без пиењето да биде основната негова вредност. Денес, дури и кафето постана меѓа на разликување и социјална исклученост (кој, каде и со кого. пие кафе, кој какво кафе пие, кој колку пати во неделата оди на кафе и во кое кафуле и други глупости кои ја утнале основната поента на нештото поврзано со кафето) на крај на краиштата, вистинските кафеџии кои се во изумирање, знаат дека правењето кафе некому значи почит, освен ако немаме намера некому да му ставиме “отров” во кафето, оти отровот во него не се гледа ! Затоа што кафето најчесто се пие со пријатели и од добри намери, но за жал, некогаш се случува и она што старите го викаат “пелин кафе”!



Стануваме ли себични луѓе на кои поважен ни е личниот интерес и "користа од кафето" од тоа да слушнеме како се чувствува нашиот пријател?

- “Раат кафето” веќе изумира, како што изумира раатот во секој од нас драги мои. Во овој термин лежи целата суштина на поимот кафе, не на прозиводот кафе ! Имено, кафето е раат ако секој од нас во себеси е раат и со тој со кого пие кафе е раат. Ретко кој денес е раат со себеси, а камоли со другиот, раат кафето се утилитаризира, стана функционалистички капиталистички производ на потребштините на секој недобронамерник, т.е. се (зло)употребува и постанува “бизнис кафе”, не само во буквална смисла, туку и општо. Имено, вистинското бизнис кафе се разликува, дури е и позитивно од квази-биснис-кафето, односно, вистинското бизнис кафе ако ништо друго, барем има некоја цел, сака да постигне некој резултат, да падне договор, да се склучи зделка, да се договорат работите, кои секако, со ракија не би биле така прецизно договорени на обострано задоволство. Квази-бизнис кафето од друга страна, значи интенција некому да му се умилкуваме, доближиме, отвориме и слично, со цел која не соодветствува на поканата за истото (кафето), што значи во оваа форма, кафепиењето би значело дека сакме некаква лична корист скриена и мимикрирана под велот на добрата и искрена дружба. Некој со тоа кафе сака да придобие нешто, некого, да добие информации, да стекне доверба, да добие подобра пол-позиција на некаков старт, да наклевети некого и слично. Секако, ваквото кафе не само што не е “испиено”, туку е истурено врз трошката искреност која можело да ја има ако се испило на раат. Како што полека изумира едно од најубавите прашања кои во себе го кријат одговорот дека некој се грижи и интересира за нас – “како си?”, така и нашата желба вистински да се сретнеме и да заедничариме со некого на крајот од кафето, во неговиот талог, се сведува на поинакви намери, желби, потреби и фрустрации. 


Се согласувате ли денешното кафе дека може да донесе и милиони, но се губи човечноста?

- Да, некои “кафиња” може да донесат и милиони, а да изгубат стотици души насукани на брегот наречен себичност, алчност, индивидуализам, егоизам и други изми и пизми, токму заради нечовечноста скриена зад вкусот и мирисот на ова бразилско чудо од растение за кое одамна и војни се воделе оти е социјализациското злато на современиот човек. Инструментализацијата постана наша основна лицемерна и манипулациска алатка во денешново “купи ден помини” наспроти некогашното “да го доживееме ова што е сега и овде присутно меѓу нас”. Се се прави со некаква цел, а на крајот станува бесцелно битисување бидејќи крајната цел за сите е иста, т.е. сите ќе стигнеме на истото место, порано или подоцна, само што многу “кафиња” ќе останат “неиспиени” или ќе се оладат додека ги чекаат подобрите времиња!


И добро е ако барем има екомомски бенефит. Но, младите многу често седнуваат на кафе, а воопшто не комуницираат повеќе се на мобилен телефон?

- Да, за жал кафето е “силувано” од една форма на не-комуникациска комуникација која го изгубила контактот во себеси, затоа што постанала само форма на заедничка себе-излолација која е полесна затоа што се дели со други луѓе, т.е. кога седиме на кафе, а гледаме во своите виртуелни апарати, ние пренесуваме една информација – “сите сме сами во своето осамено заедничарење!”



Спонзорирани линкови

Маркетинг